2015-06-22 10:13:00

Папата до работниците: „Не“ на економијата на отфрлање


Повикани сме да кажеме „не“ на економијата на отфрлање, која ги исклучува сиромашните, раѓањето на деца, грижата за стари луѓе и вработувањето на младите. Повикани сме да повториме „не“ на обожавањето на парите кои нè поттикнуваат по секоја цена да станеме дел од малобројните богати кои и понатаму се богатат и не се грижат за многумина кои запаѓаат во сиромаштво, па дури и во глад. Повикани сме да кажеме „не“ на корупцијата која толку е раширена што изгледа како нормално, да кажеме „не“ на заговорите со мафии, измами и мито. Ова се некои од главните теми на Светиот Отец во говорот по повод средбата со работниците, претприемачите и земјоделците во Торино, во рамките на дводневната апостолска посета на тој град.

Истакнувајќи дека работата е неопходна не само за економијата туку и за самиот човек, за неговото достоинство, граѓанскиот живот и општествената вклученост, Папата рече дека не може да се чека на економско заздравување, туку е потребно залагање на целото општество, во сите негови делови... Миграцијата – признава Папата – го отежнува натпреварувањето за работа, но мигрантите не се виновни бидејќи тие се жртви на неправда, на економијата на отпад и војни.

Папата Фрањо ја нагласи потребата за економски модел кој не е во служба само на капиталот и производството, туку на општото добро. Со иднината треба да се соочи со солидарен и широк поглед и како што рече со социјален и меѓугенерациски договор според кој информациите и средствата се ставаат на располагање на заедничката работа. Потребно е да се оживее меѓугенерациската солидарност и да се обнови довербата меѓу младите и возрасните – рече Светиот Отец.

Исто така поттикна да не се заборави богатството на семејството, децата, бабите и дедовците. Како што рече децата се ветување за иднината, продолжување на започнатата работата, а старите луѓе го имаат богатството на паметење. Од кризата не можеме да излеземе без младите, децата, бабите и дедовците. Ве молам немојте тоа да го занемарите! – нагласи папата Фрањо.

Својот говор го заврши со поттикот: „Бидете храбри!“ Тоа не значи како што рече „стрпете се, помирете се со состојбата“; напротив, тоа значи: „бидете смели, одете напред! Бидете креативни! Секој ден бидете градители на иднината – и тоа со силата на надежта која Господ ни ја дава и која никогаш не недостига.

РВ/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.