2015-05-22 14:39:00

Папата: Воспитувањето на децата е задача на семејството


Осврнувајќи се на прочитаниот дел од Посланието на свети Павле до Колосјаните: „Деца, на родителите свои бидете им послушни во сè, зашто тоа Му е благоугодно на Господа! Татковци, не дразнете ја челадта своја, за да не паѓаат со духот!“ (3, 20-21), Папата рече дека тоа е мудро правило: детето воспитано да слуша и да се покорува на родителите кои не би сакале да заповедаат за да не ги обесхрабруваат децата. Децата треба да растат без обесхрабрувања, чекор по чекор – рече Папата објаснувајќи со пример како треба да се воспитуваат децата.

Ако родителите ги повикуваат децата заедно да се качуваат по скалите и полека ги водат за рака, тогаш сè ќе биде добро. Ако пак заповедате: Оди горе, оди! Тогаш децата ги фрлате во очај, односно барате од нив нешто што не можат да го направат. Затоа мудроста треба да го вдахнува односот деца и родители кои треба да биде многу урамнотежен – објасни Светиот Отец.

Папата се осврна и на тешкотиите на многу родители кои заради работата, само навечер ги гледаат децата, кога уморни ќе се враќат дома и на големите тешкотии на разведените родители: многу е тешко да се воспитуваат, кутрите луѓе, имале тешкотии, се разделиле, а детето често се зема како заложник; таткото лошо зборува за мајката, а мајката за таткото, еден на други си пркосат – рече Папата.

Разведени, ви се обраќам на вас, детето никогаш немојте да го држите како заложник. Сте се разведеле заради многу тешкотии и разни причини. Животот ви го донел тоа искушение, но немојте децата да го носат товарот на вашата разделба; децата нека не бидат заложници против другиот родител, нека растат слушајќи како родителите иако не се заедно, еден за друг добро зборуваат. Тоа е многу тешко за разведените, но многу е важно и тоа можете да го направите – рече Папата.

Зборувајќи пак за доброто воспитание, Папата праша: Што можеме денес на своите деца да им пренесеме? Разни видови на мислители „критичари“ на илјада начини ги замолчале родителите, наводно младите генерации да ги заштитат од штетноста на семејното воспитание. Семејното воспитание е ставено на обвинителна клупа заради строгоста, пристрасноста за потиснувањето на чувствата што наводно раѓаат конфликти. Фатички има несогласување помеѓу семејството и општеството, семејството и училиштето; раскинат е воспитниот сојуз, западнал во криза, бидејќи е поткопана меѓусебната доверба – рече Папата додавајќи:

Освен тоа множењето на т.н. експерти доведе до присвојување на родителската улога и во најинтимните аспекти на воспитанието. За емоционалниот живот, за личноста и развојот, за правата и должностите експертите сè знаат: целите, вештините и причините. А родителите треба само да слушат, да учат и да се прилагодат. Лишени од воспитната улога, родителите често стануваат досадни и посесивни во односот на своите деца, дури и повеќе не ги ниту опоменуваат. Се настојува што повеќе да ги доверуваат на „експерите“, да ги гледат најчувствителните и најличните моменти од нивниот живот, сами себе се запоставуваат; на родителите им се заканува опасноста самите себе да се исклучат од животот на своите деца, а тоа е многу, многу лошо – предупреди Светиот Отец.

Папата се потсети на една случка од своето детство, кога во основното училиште учителката го опоменала заради непримерно однесување. Следниот ден на училиште дошол со мајка му која пред учителката му објаснила дека не треба така да се однесува, а потоа и дома за тоа се разговарало. Денес, напротив ако учителката направи нешто слично, другиот ден двајцата или само едниот родител ќе ја укори учителката бидејќи „техничарите“ велат дека со децата така не се постапува. Јасно е дека нивното мислење е погрешно: наместо да поттикнува соработка помеѓу семејството и воспитните институции, тоа внесува уште повеќе поделби – рече Папата.

Папата рече дека во минатото некои воспитни модели биле со недостатоци, но исто така рече дека некои пропусти само родителите можат да ги направат и дека единствено тие и никој друг не може да ги надоместат. Од друга страна пак знаеме дека нема доволно време за разговор, размислување и соочување, но сепак треба да се внимава со децата да не се води површен дијалог кој не го зафаќа умот и срцето. Подобро да се запрашаме настојуваме ли да сфатиме што се случува со нашите деца? Знаеме ли каде е нивната душа? Сакаме ли воопшто да знаеме? Дали сме уверени дека децата не очекуваат ништо друго? – поттикна папата Фрањо.

Зборувајќи за воспитната улога на христијанската заедница, Папата ги повика да го поддржат воспитното послание на семејството и тоа да го прават во светлината на Божјото Слово. И во најдобрите семејства едни со други треба да се поднесуваме. Животот е таков. Животот не се одвива во лабараторија, туку во реалноста. Добро семејно воспитание е столбот на хуманизмот. Неговото зрачење во општеството овозможува да се надоместат неостатоците, да се залечат раните, да се надоместат недостатоците на татковството и мајчинството поради што трпат помалку среќните деца – рече папата Фрањо.

Тоа зрачање може да прави вистински чуда. Тие чуда во Црквата секојдневно се случуваат. Ако семејното воспитание повторно го заземе местото кое му припаѓа, многу работи ќе се променат на подобро за несигурните родители и разочараните деца. Време е татковците и мајките да се вратат од своето бегство – бидејќи сами се исклучиле од воспитанието на децата – да се вратат од бегството и целосно да ја прифатат својата воспитна улога – заврши Светиот Отец.

Папата на крајот од аудиенцијата потсети дека католиците во Кина на 24 мај во шангајското светилиште Ши Шан посебно молат и ја почитуваат Дева Марија како Помошница на христијаните и ги повика собраните на тој ден да молат за католиците од Кина секогаш да бидат веродостојни сведоци на милосрдната љубов на своите сонародници и духовно обединети со Петровата карпа на која што е создадена Црквата.

По повод бденијата за Духовден – продолжи Папата – Италјанската бискупска конференција предлага да се сетиме на толку браќа и сестри кои – само заради тоа што се христијани – се прогонети од своите домови или убиени. Тие се маченици– рече папата Фрањо. Сакам во таквиот молитвен момент и атмосфера да порасне свеста за тоа дека верската слобода е неотуѓиво човеково право; да се зголеми чувствителноста за драмата која ја проживуваат прогонетите христијани на нашето време и да се стави крај на тоа неприфатливо злосторство.

Папата ниту овој пат не ги заборави своите млади, болните и нововенчатите парови и ги поттикна преку примерот на љубовта кон Евхаристијата на света Бернардина Сиенска младите во центарот на својот живот да го стават Бог; болните нека со истиот пример бидат охрабрени во соочувањето на моментите на страдање со ведрина, а нововенчатите парови своите семејства нека ги темелат на Божјата љубов.

РВ/Д.И.

 








All the contents on this site are copyrighted ©.