2015-05-21 10:23:00

Папата до италијанските бискупи: Бидете заштитници на слабите


Отфрлувајте го и разобличувајте го „распространетото корумпирано размислување“, заштитете го Божјиот народ од новите „идеолошки колонизациии“, немојте да бидете апстрактни во вашите пасторални документи, зајакнете ја улогата на лаиците.

Toa се некои од препораките на папата Фрањо упатени до италијанските епископи, кои од 18 до 21 мај го одржуваат своето 68. Генерално собрание во новата синодална сала во Ватикан.

„Во овој историски момент во кој често сме опколени од обесхрабрувачки вести и локални и меѓународни ситуации кои предизвикуваат кај нас мака и тага, нашиот христијански и епископски повик е да одиме против струјата - да бидеме радосни сведоци на Воскреснатиот Христос, за да ја предаваме оваа радост и надеж на другите“, рече Папата. „Тешете го мојот народ, вели нашиот Бог“ (Исаија 40,1). Од нас се бара да ги утешуваме, да ги помагаме, да ги охрабруваме, без разлика, сите наши угнетените браќа под тежината на нивниот крст (...)“.

Папата Фрањо ја истакна потребата од „црковната чувствителност“ во хармонија со чувствата на Исус – „смиреност, сочувство, милосрдие, конкретност, мудрост“. Оваа црковна чувствителност го вклучува и „негирањето и разоткривањето на распространетото мислење за јавна или лична корупција, која бесрамно ги опфатила семејствата, пензионерите, чесните работници, христијанските заедници, отфрлајќи ги младите, систематски лишени од нивната иднина, и особено сиромашните и оние кои имаат потреба“.

Оваа црковна чувствителност се манифестира и во пасторалниот избор на решенија и во подготовката на црковните документи, додаде Папата. Во нив „не треба да преовладува апстрактен теолошки и теоретски аспект, како да тие не се наменети за нашиот народ или нашата земја, туку само за некои научници и стручњаци. Треба да вложиме напори и ги претвориме во конкретни и разбирливи предлози“.

На многу оригинален начин, Папата ја поврза оваа црковна чувствителност со лаиците, нагласувајќи ја нивната „незаменлива“ улога и потреба да бидат поддржани, за „да ја преземат својата одговорност“: „Лаици со вистинска христијанска подготовка немаат потреба од епископ-пилот или монсињор -пилот или клерикалната инстанца, за да ја преземат својата одговорност на сите нивоа - политичко, економско, социјално и правно! Сите имаат потреба од еден епископ-пастир!“.

Папата Фрањо обрати внимание на „колегијалноста и заедништвото“ меѓу епископите и свештениците; меѓу самите епископи и меѓу епархијата; меѓу „периферијата и центарот“; меѓу „епископските конференции и епископите со Светиот Петров наследник“. „Во некои делови на светот се забележува широко слабеење на колегијалноста, како во определувањето на пасторалните програми, така и во распределбата на економско-финансиските обврски - истакна папата Фрањо.

РВ/В.Н.              








All the contents on this site are copyrighted ©.