2015-05-07 09:54:00

Папата: Да Му довериме сè на Бог


Свети Павле го прогонуваат, а тој и покрај илјадниците маки останува постојан во верата и ги повикува браќата да се доверуваат во Господ – рече Папата коментирајќи го првото читање земено од Делата Апостолски. Папата во проповедта коментирајќи го случајот на свети Павле зборуваше за страдањата, за довербата во Бог и за мирот истакнувајќи дека влезот во царството Божјо предвидува премин низ „мрачни и тешки моменти.“

Тоа не е мазохистичко однесување, туку христијанска борба против кнезот на овој свет кој сака да нè раздели од Исусовите зборови, од верата и надежта. Свети Павле често ја користи реченицата „поднесувајте страдања“ – рече папата Фрањо.

Поднесувањето на страдања ја надминува трпеливоста: да поднесуваш страдања значи на грбот да го носиш нивниот товар. Христијанскиот живот е полн со такви моменти, а Исус тогаш нè бодри: Бидете храбри! Победив Јас и вие ќе бидете победници! Тие Негови зборови нè поттикнуваат да одиме напред во тешките моменти од животот кога нè притискаат неволјите – рече Папата додавајќи:

Павле кога ги утешил браќата, „ја организира месната Црква“, моли, на презвитерите полага раце и ги доверува на Господ – рече Светиот Отец и се осврна на надевањето на Бог. Христијанинот може да поднесува страдања и прогони, ако се надева на Бог. Единствено Бог може да ни даде сила, постојаност во верата и надежта – рече папата Фрањо.

На Бог треба да му ги довериме сите неизбежни тешки моменти, Нему треба целосно да му се довериме, треба да му ги довериме нашите верници, нас свештениците, епископите, нашите семејства, пријателите, зборувајќи: Грижи се за нив, твои се. Не ја изговараме често ова молитва на доверување: Господи, сè ти доверувам, погрижи се Ти. Таа е убава христијанска молитва, изразува доверба во Божјата моќ и нежност, бидејќи Бог е нашиот Отец – рече Папата.

Кога некој човек срдечно (од срце) ја изговара таа молитва тогаш чувствува дека се предава на Бог и дека е сигурен. Бог не лаже никогаш. Страдања поднесуваме, на Бог се надеваме, а надежта ни дава мир. Мирот Господов ја зацврстува верата и надежта – рече Папата цитирајќи ги Исусовите зборови на апостолите: „Мирот ви го оставам, мирот свој ви го давам.“

Тоа не е обична смиреност, туку внатрешен мир кој дава сила, го зајакнува она што од Бог денес сме го барале: нашата вера и надеж. Ги истакнувам овие три збора: страдања, надевање и мир. Во животот мораме да одиме по патот на страдањата, бидејќи тоа е законот на животот. Но, во тие моменти треба да се довериме на Господ кој ни одговара со својот мир. Бог Кој е наш Отец никогаш нè не лаже – рече папата Фрањо додавајќи:

Во текот на ова евхаристиско славење да Го молиме Господ да ја зацврсти нашата вера и надеж, да Го молиме да ни влее надеж за да можеме да ги победиме страдањата, бидејќи Тој го победи светот и на сите да ни го даде својот мир – поттикна Светиот Отец.

РВ/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.