Почесниот Папа Бенедикт XVI на 16 април го слави својот 88 роденден. Пред десет години, само два дена пред неговиот 78 роденден, започнаа конклавите, на кои тогашниот кардинал Рацингер е избран за Папа.
За време на неговиот понтификат прослави седум родендени, секогаш работно, а за два беа подготвени класични концерти и еден со баварски народни ора.
Јозеф Рацингер е роден на 16 април 1927 година како најмлад од трите деца во семејство со скромен имот, но со длабока вера. За свештеник е ракоположен 1951 година, заедно со својот брат Георг.
Докторира теологија во 1953 година, а четири години покасно станува универзитетски професор. Бил редовен професор по Догматика и Фундаментална теологија. Има предавано на четири универзитета и како професор бил сакан, а неговите предавања секогаш биле многу добро посетувани. Папата Павле VI го именува за кардинал на 27 јуни 1977 година, а четири години покасно, 1981 година папата Иван Павле II го постави за префект на Конгрегацијата за наука на верата.
Како префект на Конгрегацијата Рацингер ја преиспитуваше, бранеше и потврдуваше науката на Католичката црква и тоа по многу актуелни прашања. Често проповедаше за пријателството со Исус, поттикнуваше нова евангелизација, го осудуваше моралниот релативизам и конзумеризам.
Тој е еден од најблиските соработници на својот претходник папата Иван Павле II, а за поглавар на Католичката црква е избран на 19 април 2005 година, додека на 11 февруари го објави своето повлекување од папската служба, кое стапи на 28 февруари 2013 и на тој начин стана почесен Папа. Тој е осми германец кој е избран за Папа.
РВ/го*ко
All the contents on this site are copyrighted ©. |