2015-03-30 16:26:00

Промовирана книгата „Братска љубов низ приказни“


Во салата на Католичката црква „Свети Иван Крстител“ во Струмица во сабота 28 март е промовирана книгата „Братска љубов низ приказни“ приредена од о. Гоце Костов.

Промотори на книгата беа проф. Иван Котев и проф. Јасмина Поркојевиќ – Миленковиќ, а извадоци од книгата читаше Ѓорги Калајџиев.

Книгата „Братска љубов низ приказни“ содржи 53 духовни, поучни приказни наменети за сите возрасти. Издавач на книгата е ЛУБ „Благој Јанков – Мучето“ - Струмица, за издавачот Тања Гошева.

Промоторката проф. Јасмина Поркојевиќ – Миленковиќ во својот книжевен осврт на промоцијата ќе каже: „Излегувањето од печат на ова, по многу нешта специфично дело и неговиот контакт со виделината на денот претставува вистинско освежување во македонското културно и духовно милје, пред сѐ и над сѐ заради неговата морализаторска и поучителна содржина која ни вдахнува нова продуховеност но, едновремено, остава простор за размисла.“

„Во секоја приказна сместена меѓу кориците на оваа убава и вредна книга, без разлика дали се спомнува директно или не, присутен е Тој, нашиот Бог. Неговиот дух и промисла провејува во секоја приказна преку ликовите и Словото на мудреците, учителите, ангелите или слепците... Сеедно, Тој доминира, поучува, ја буди свеста и совеста. На чудесен начин успева да ги врати на правиот пат грешните, да ги очовечи луѓето кои станале нелуѓе, да ја поврати верата и вербата на залутаните духом... Со еден збор, приказните од оваа книга даруваат мудрост и сознание“, истакна на промоцијата професор Иван Котев.

На промоцијата присуствуваа голем број љубители на пишаниот збор, а о. Гоце Костов во своето обраќање се заблагодари на сите активни чинители кои дадоа свој допринес за излегувањето од печат на оваа книга.

Настанот беше збогатен со музички изведби на гитара од Кире Понов и Филип Костов, а својата настап имаше и младиот струмички талент Трајче Георгиев.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.