2015-03-30 16:20:00

На Цветници бискупот Стојанов служеше света Миса во Скопје


Во сослужение на бискупот Стојанов беше скопскиот парох дон Давор Топиќ и директорот  на Македонски Каритас монс. Антун Циримотиќ.

После уводниот дел од благословот на маслинови гранки и навестување на Евангелието за влегувањето на Исус во Ерусалим, следуваше свечена процесија околу катедралата со пеење на литургиски песни од страна на катедралниот хор.

Во хомилијата бискупот Стојанов рече: „Денешното Евангелие за Исусовите страдања можеме накратко да ги сложиме во зборовите на апостолот на народите, кога во посланието до Филипјаните зборува за должината, ширината и висината на Исусовата љубов. Ширината на страдањата опфаќа разноликост на страдања кои ги претрпе. На Исус се сруши нечистотата од седумте главни гревови, а тоа се: годреливост, скржавост, блудност, завист, неумереност во јадењето и пиењето, срдитост, мрзеливост и прекршување или неисполнување на Десетте Божји заповеди. Исус Бог и човек, без вина во потполна слобода, од чиста љубов, ги зема врз себе сите наши проклетства, сите нас нѐ измива со крвта, со своето страдање нѐ прочистува и со својата смрт нѐ препородува, правејќи нѐ способни за Божествен живот“, порача бискупот Стојанов.

После Литургијата присутните беа повикани да учествуваат на Велигденскиот базар оганизиран во парохијата од страна на Парохискиот Каритас, а под раководство на Јадранка Чадиновска заедно со сестрите евхаристинки с. Наталија и с. Роберта. Собраните средства ќе се употребат за потребите на парохијата.

к.мк/д.Д.Т.








All the contents on this site are copyrighted ©.