Група млади од скопската парохија Пресвето Срце Исусово во сабота 13 март во утринските часови присуствуваа на „Крстен пат за млади на Водно“, кој го предводеше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. Киро Стојанов. Во побожноста учествуваа петнаесетина млади заедно со парохот дон Давпр Топиќ и капеланот Јошт Мезег, кој е одговорен за младите. Настанот директно го пренесуваше Радио Марија Македонија.
Крстниот пат започна на Средно Водно, каде дон Јошт ги поздрави присутните и ги повика да се искачат на „ридот на крстот“ со постојките од Крстниот пат, Бројаница и тишина, да размислуваат за Христовата љубов кон нив и да молат за своја лична накана. Потоа младите повеќе од два часа наизменично го носеа дрвениот крст, читаа постојки од Крстниот пат и молеа света Бројаница. На многу минувачи младите им оставија голем впечаток, кои во голема собраност и без страв го следеа крстот, молеа и пееја. После шест изминати километри групата пристигна на врвот покриен со снег, но и со сонце, со прекрасен поглед на Скопје. Таму бискупот Стојанов го заврши Крстниот пат и на крајот им се заблагодари на младите за сведочењето, упатувајќи им татковско слово со охрабрување.
По благословот и благодарноста од страна на капеланот дон Јошт, следуваше заедничко дружење со кафе, а поклониците во Скопје се вратија со жичарата, со желба овој „Крстен пат за млади на Водно“ да стане традиција.
Водно, лежи на надморска висина од 1066 метри и се наоѓа над градот Скопје. Владата на Република Македонија на самиот врв изгради Јубилеен Крст со висина од 86 метри, кој со својата конструкција и осветлување доминира над градот.
РВ/к.мк/д.Д.Т.
All the contents on this site are copyrighted ©. |