2015-02-23 09:23:00

Порака на Папата за Великиот пост


Укрепете ги срцата свои (Јк. 5,8)

Великиот пост е време на обнова за Црквата, заедницата и секој верник поединечно. Тоа пред сѐ е „благопријатно време“ (време на милост) (2Кор. 6,2). Бог од нас не бара ништо без претходно да не ни го има подарено: „Ние Го љубиме, бидејќи Тој отпрвин нè возљуби“ (1Ив. 4,19). Тој не е рамнодушен кон нас. Секој од нас му лежи на срце, секој од нас го познава по име, се грижи за нас и нѐ бара кога ќе се оддалечиме од него. Тој се интересира за секој од нас; неговата љубов му пречи да биде рамнодушен кон она што ни се случува. Меѓутоа се случува кога на нас ни е добро и кога сме без грижи да ги заборавиме другите (Тоа Бог Отец никогаш не го прави): не нѐ интересираат нивните проблеми, нивните страдања и неправди кои ги поднесуваат... тогаш нашето срце го опфаќа рамнодушноста. Сѐ додека ми е релативно добро и додека сум задоволен, не мислам на оние на кои не им е добро. Тој егоистичен, рамнодушен став, денес добива светски размери, поради што можеме да зборуваме за глобализација на рамнодушноста. Тоа е проблем со кој како христијани мораме да се справиме.

Кога Божјиот народ ќе се обрати кон неговата љубов, наоѓа одговор на оние прашања кои историјата постојано ги повторува. Еден од најголемите предизвици за кој сакам да проговорам во оваа своја порака е токму глобализацијата на рамнодушноста.

Рамнодушноста кон ближниот и Бога претставува реално искушение исто така и за нас христијаните. Поради тоа имаме потреба секоја година во постот да го слушнеме гласот на пророците кои го подигаат својот глас за да ја разбудат нашата заспиена совест.

Бог не е рамнодушен кон светот, туку толку многу го љуби што го даде и својот Син за спасение на секој човек. Во овоплотувањето, земскиот живот, смрт и воскресение на Синот Божји, конечно се отвора вратата помеѓу Бог и човекот, помеѓу небото и земјата. Црквата е како рака која ја држи таа врата отворена со навестување на Словото Божјо, славењето на светите Тајни, сведочење на верата и делотворната љубов (сп. Гал. 5,6). Но светот тежнее да се затвори во самиот себе и да ја затвори таа врата преку која Бог влегува во светот и светот во Него. Така раката, која е Црквата, никогаш не смее да се изненади ако биде отфрлена, згазена и ранета.

Затоа Божјиот народ има потреба од духонва обнова, за да не стане рамнодушен и за не се затвори во самиот себе. За размислување би сакал да ви предложам три библиски текста.

1. „А кога страда еден орган, тогаш страдаат сите органи“ (1Кор. 12,26) - Црквата

Божјата љубов ја разбива таа погубителна затвореност во самата себе која се вика рамнодушност. Црквата таа Божја љубов ни ја дава со своето учење и пред сѐ со своето сведочење. Меѓутоа, може да се сведочи она што најпрво се искусило. Христијанинот е оној кој му дозовлува на Бог да го облече со својата добрина и милосрдие, да го облече со Христос и како него да биде во служба на Бог и луѓето. Тоа јасно ни ја довикува во свеста литургијата од Велики Четврток со обредот миење нозе. Петар не сакал Исус да му ги измие нозете, но подоцна сфати дека Исус не сака да биде само пример како треба едни на други да си ги миеме нозете. Таа служба може да се врши на другиот само оној кој пред тоа му дозволил на Исус да му ги измие нозете. Единствено тој има „дела“ со него (Ив. 13,8) и на тој начин може да им служи на другите.

Велигденскиот пост е погодно време да му дозволиме на Христос да ни служи и така да станеме како него. Тоа се случува секогаш кога ги примаме светите Тајни, најповеќе Евхаристијата. Во неа стануваме тоа што примаме: Тело Христово. Во тоа тело нема место за онаа рамнодушност, која изгледа, толку често загосподарува со нашите срца. Бидејќи оној кој е Христов, припаѓа на едно Тело и во него не можеме да бидеме рамнодушни едни кон други. „А кога страда еден орган, тогаш страдаат сите органи; и кога се слави еден од органите, тогаш со него се радуваат сите органи“ (1Кор. 12,26).

Црквата е заедништво на светиите (communio sanctorum) не само поради своите светии, туку исто така бидејќи е заедништво во сите свети работи: љубов кон Бог кој ни се објави во Христос и сите негови дарови. Меѓу тие дарови исто така е одговорот за оние кои дозовлиле таа љубов да ги офати. Во тоа заедништво на светиите и во тоа учество во светите работи никој ништо не задржува за себе, туку сѐ што има го дели со другите. А бидејќи сме поврзани со Бог, можеме нешто да направиме и за оние кои се далеку, за оние до кои никогаш не би можеле да допреме со сопствените сили, затоа со нив и за нив да го молиме Бог, сè додека не се отвориме сите на неговото спасително дело.

2. „Каде е братот твој...?“ (Битие 4,9) – Парохии и заедници

Сѐ што кажавме за општата Црква мора да се примени и на животот во парохијата и заедницата. Дали успеваме во тие реалности да искусиме дека сме дел од едно исто тело? Тело кое воедно прима и дели она што Бог сака да го дарува? Тело кое познава и се грижи за своите најслаби, најсиромашни и најмали членови? Или се сокриваме во некоја општа љубов која сака да го прегрне целиот свет, но го заборава Лазар кои седи пред нашите затворени врати? (сп. Лк. 16,19-31).

За да би го примиле она што ни го дава Бог и за да би ги дале изобилните плодови мораме да ги надминеме границите на видливата Црква на два начина.

Пред сѐ соединувајќи се со небеската Црква во молитвата. Кога земската Црква моли, тогаш се воспоставува заедништо на взаемно служење и добра кои успеваат да се воздигнат до Божјото лице.

Со светиите кои ја најделе својата полнина во Бог, правиме составен дел од она заедништвто во кое љубовта ја победува рамнодушноста. Небесната Црква не е победничка, бидејќи го свртува грбот од страдањето во светот и самата ужива во славата. Светците, напротив, веќе контемплатираат и се радуваат на фактот што со Исусовата смрт и воскресение еднаш засекогаш ја победија рамнодушноста, тврдоста на срцата и омразата. Сѐ додека со таа победа на љубовта не биде опфатен целиот свет, светците продолжуваат да нѐ следат на нашето овозмеско патување. Света Тереза од Лизије, црковна научителка, изразила уверување дека радоста на небото поради победата на распнатата љубов нема да биде потполна сѐ додека и еден човек на земјата страда и лелека од болки: Не планирам во небото да бидам неактивна; желбата ми е и понатаму да работам за Црквата и душите (Писмо 254 од 14 јули 1897)

Ние сме учесници на заслугите и радостите на светците, а тие учествуваат во нашата борба и нашата желба за мир и помирување. Нивната радост заради победата на Воскреснатиот Христос ни дава сила во настојувањата да ги надминеме бројните облици на рамнодушност и тврдост на срцата.

Од друга страна секоја христијанска заедница е повикана да го пречекори прагот и да се вклучи во општеството, каде и што припаѓа и најпосле работејќи со сиромашните и оние кои се оддалечени од Црквата. По својата природа Црквата е мисионерска, не е повлечена во самата себе, туку е пратена кон сите луѓе.

Нејзината мисија е да биде трпелив сведок на Оној кој сака да го приведе кон Отецот целокупната стварност и секој човек. Нејзината мисија е на сите да им донесе љубов, која не може да молчи. Црквата го следи Исус Христос на патот кој води до секој човек, сѐ до крајот на земјата (сп. Дела Ап. 1,8). На тој начин во секој наш ближен можеме да гледаме брат и сестра за кои Христос умре и воскресна. Сѐ што примивме, примивме и за нив. Исто така, сѐ она што тие браќа поседуваат е дар за Црквата и целото човештво.

Драги браќа и сестри, колку многу посакувам на сите места каде што Црквата е присутна, посебно нашите парохии и заедници, да станат острови на милосрдието во морето на рамнодушноста.

3. Укрепете ги срцата свои (Јк. 5,8) – поедин верник

И како поединци сме искушени на рамнодушност. Окупирани со вести и потресни слики од човечки страдања, често ја чувствуваме нашата неспособност да дадеме помош. Како да избегнеме да не бидеме вовлечени во таа спирала на ужас и немоќ?

Најпрво, можеме да молиме во заедништво со земската и небеска Црква. Да не ја потценуваме силата на молитвата, мноштвото гласови соединети во молитва. Иницијативата 24 часа за Господ, за која се надевам дека на 13 и 14 март ќе се спроведе во целата Црква, исто така и на епархиско ниво, треба да биде знак за потребата од молитва.

Второ, можеме да помогнеме со дела на љубовта преку каритативните тела на Црквата, допирајќи како до оние кои ни се блиски, така и до оние кои се далечни. Велигденскиот пост е соодветно време да се покаже грижа кон другите, можеби со само еден мал, но конкретен знак на нашето учество во заедничкото човечко семејство.

Трето, страдањето на другиот претставува повик на преобраќање, бидејќи потребата на брат ми довикува во свеста за кршливоста на мојот живот и мојата зависност за Бог и браќата. Ако понизно молиме за Божја милост и ги прифаќаме границите на своите можности, тогаш ќе веруваме во бескрајните можности кои Божјата љубов ги чува за нас. Исто така ќе можеме да се спротивставиме на ѓаволското искушение да мислиме дека можеме со сопствени сила да го спасиме светот и луѓето.

За да ја надминиме рамнодушноста и нашите копнежи за самодопадливост, ве повикувам сите да го живеете ова време на Великиот пост како можност да се поработи на она што Бенедикт XVI го нарече наобразба на срцето (сп. Deus caritas est, 31). Да се има милосрдно срце не значи да се има слабо срце. Кој сака да биде милосрден има потреба од цврсто, постојано срце, затворено за искушителот, но отворено за Бог. Срце кое дозволува да биде опфатено од Светиот Дух и насекаде да носи љубов на браќата и сестрите. И на крајот, сиромашно срце, кое е свесно на сопственото сиромаштво и бесплатно се дарува на другите.

Поради тоа браќа и сестри, сакам заедно со вас во овој пост да му кажам на Христос: "Fac cor nostrum secundum cor tuum": „Направи го нашето срце според Своето Срце“ (прозба од литанија за Пресвето Срце Исусово). Тогаш ќе имаме силно и милосрдно срце, будно и великодушно, кое не се затвора во самото себе и не станува плен на глобализацијата на рамнодушноста.

Со оваа моја желба, ја гарантирам мојата молитва овој пост да вроди духовни плодови за секој верник и за секоја црковна заедница, и ве молам да се молите за мене. Господ нека ве благослови и Мајката Божја да ве чува!

Од Ватикан, 4 окотомври 2014 година

На празникот свети Фрањо Асишки

 








All the contents on this site are copyrighted ©.