2014-03-21 09:47:54

Од проповедта на Папата: Проклет е оној човек, што се надева на човек


Оној човек кој се надева во себе, во своето богатство или идеологија нема да биде среќен. Напротив, кој се надева во Господ и во сушно време е плоден – истакна Светиот Отец на проповедта на Литургијата во четврток 20 март во капелата на домот Света Марта.

„Проклет да е оној човек, што се надева на човек“, човек кој се надева на себе: „ќе биде како троскот во пустиња“, поради сушата ќе остане без плод и ќе умре. Осврнувајќи се на првото читање од Литургијата во кое се вели: „Благословен е оној човек, кој се надева на Господа, и кому надежта му е Господ. Затоа што тој ќе биде како дрво посадено крај води...и во време на суша не се плаши и не престанува да дава плод.“ Папата рече дека Господ е нашата надеж. Други надевања не се потребни, не нѐ спасуваат, не даваат живот, ниту веселба – нагласи Папата.

Иако знаеме, сепак ни се допаѓа надевањето во себе, во некој пријател, во можност од добар исход од некоја работа или идеологија, а Господ го ставаме настрана. Таквиот човек се затвора во себе, останува без поглед, без отворени врати, без прозор и нема да има спасение, не може да се спаси самиот себе. А токму тоа се случува во Евангелието, имал сѐ: скапи одела, добра храна, весели гозби. Бил многу задоволен, а не ни забележувал дека пред вратата на неговата куќа има еден сиромав во рани. Евангелието не го спомнува името на богатиот, но истакнува дека сиромавиот се вика Лазар – рече Папата.

А најголемо проклетство за оној кој се надева во себе и своите сили и во луѓето, а не во Бог: да се биде без име. Како се викаш? Имам многу пари на сметка во банка. Како се викаш? Голем имот, вили и друго... Како се викаш: Работи кои ги поседуваме, идоли. А ти се надеваш во тоа, а тој човек е проклет – рече Светиот Отец, додавајќи:

Сите ние во себе носиме слабост кога се надеваме на себе, во своите пријатели или во човечките способности, кога го забораваме Бог, а тоа нѐ води по патот на несреќата: Би било добро денес, во овој ден од Великиот пост да се запрашаме: во што се надевам? Во Господ или сум поганин, кој се надева на работи, во идоли кои си ги создадов? Дали сѐ уште имам име или пак започнав да го губам, па се викам: Јас, на мене, со мене, за мене, само јас? На мене, на мене... секогаш егоизам: ’Јас’. Тоа нема да ни донесе спасение – објасни папата Фрањо.

На крајот, за оние кои се надеваат во себе и го имаат изгубено името постои само една врата на надеж, секогаш постои една можност. А кога овој човек забележува дека останува без име, дека изгубил сѐ, ги подигнува очите и изговара само еден збор: ’Оче’. А Божјиот одговор е само еден збор: ’Сине’! – рече Папата.

Ако некој од нас во животот се надева на себе и во луѓето, го изгуби името, го изгуби достоинството, секогаш може да се изговори зборот, кој е повеќе од магичен, повеќе, тоа е силен збор: Оче! Бог секогаш нѐ чека за да ни ја отвори невидливата врата и да ни каже: „Сине!“ Го молам Бог на сите нас да ни подари мудрост за да се надеваме само во Него, а не во работи, човечки сили, единствено во Него – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/го*ко








All the contents on this site are copyrighted ©.