2014-03-10 09:35:41

Молитвен 8-ми март во Струмица


Во организација на парохиите од Апостолскиот егзрхат во Македонија на 8 март 2014 во парохијата Свети Иван Крстител - Струмица се одржа молитвено-духовно дружење на жени, насловено „Молитвен 8-ми март“. На средбата присуствуваа жени од Струмица, Радово, Нова Маала, Петралинци, Сарај, Чанаклија, Штип...

На почетокот од средбата о. Гоце Костов во име на присутните свештениците ги поздрави верници во Црквата и ги пренесе поздравите на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, кој духовно беше поврзан со средбата преку молитвата. По краткиот вовед, о. Гоце Костов го претстави ликот на Богородица како пример за денешната жена, од која таа треба да земе пример за да црпи сила да „оди против струјата“, термин, кој често пати е употребуван од почесниот папа Бенедикт и папата Фрањо.

По песната која беше во изведба на групата Еклезија, жените молеа Света Бројаница. Секоја десетка беше предводена од жени од одредената парохија, а исто така жена од таа парохија го читаше и размислувањето за таинството. Групата Еклезија во продлжение се претстави со уште неколку духовни песни.

Молитвениот дел заврши со размислувањето на о. д-р Зоран Стојанов, кој во својот говор се осврна на жените во Светото Писмо, со посебен осврт на Марија од Магдала, Ивана, жената на Иродовиот настојник Хус, Сузана, Марија Клеопова, Соломија, Лидија Македонка... На крајот тој истакна дека жените во парохискиот живот имат своја драгоцена улога.

Во оваа прилика и како знак на поврзаноста на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов со оваа средба, на присутните жени од негово име ѝ беа поделни Бројаници. Предавањата, како и размислувањата беа пропратени со соодветни презентации.

Средбата продолжи во парохиската сала со дружење на жените, а подготвено од жените при парохијата Свети Иван Крстител – Струмица.

го*ко








All the contents on this site are copyrighted ©.