2014-02-13 10:17:09

Односот меѓу евхаристијата и нашиот живот


Катехеза на Папата на генералната аудиенција во среда 12 февруари 2014
Драги браќа и сестри, добар ден!

Во претходната катехеза објаснив како Евхаристијата нè воведува во стварно заедништво со Исус и неговото таинство. Сега можеме да си поставиме некои прашања поврзани со односот помеѓу Евхаристијата која ја славиме и нашиот живот, како Црква и како верник поединец. Како ја живееме Евхаристијата? Кога одиме во недела на Света Литургија, како ја доживуваме? Дали е тоа за нас само некое славење, дали тоа го правиме од навика, затоа да се сретнеме со другите или за да се чувствуваме подобро, или е сепак нешто повеќе?

Постојат многу јасни показатели кои помагаат да се сфати како го живееме сето тоа, како ја живееме Евхаристијата. Тие показатели ни говорат дали Евхаристијата ја живееме добро или не. Првиот показател е начинот на кој ги гледаме и набљудуваме другите. Во Евхаристијата Христос секогаш одново го остварува себедарувањето кое го оствари на крстот. Целиот Негов живот е потполно делење на Себе од љубов; затоа Тој сака да биде со учениците и со лицата кои имаше прилика да ги запознае. Тоа за Него значи делење на нивните желби, нивните проблеми, она што ги мачело во нивната душа и нивниот живот. И ние кога учествуваме на Света Литургија среќаваме разни мажи и жени: млади, постари лица, деца; сиромашни и богати; домашни и странци; лица кои се на Света Литургија со своите семејства и оние кои дошле сами... Ме наведува ли Евхаристијата која ја славам сите да ги доживувам навистина како браќа и сестри? Ја зголемува ли во мене способноста да се радувам со оние кои се радосни и да плачам со расплаканите? Ме поттикнува ли да одам кај сиромашните, болните, маргинализираните? Ми помага ли да го препознам во нивното лице, лицето на Исус? Сите ние одиме на Света Литургија затоа што го сакаме Исус и сакаме, во Евхаристијата, да бидеме соучесници во Неговата мака и Неговото воскресение. Меѓутоа ги сакаме ли, како што тоа го сака Исус, оние браќа и сестри кои се во најголема потреба? На пример, во Рим овие денови имавме можност да видиме многу општествени неволји како поради дождот, кој нанесе големи штети на цели квартови, така и поради невработеноста, како последица на економската криза во целиот свет. Се прашувам, и нека секој од нас се запраша: јас кој одам на Света Литургија, како го доживувам тоа? Се трудам ли да помогнам, да се приближам, да молам за оние кои го имаат тој проблем? Или сум помалку рамнодушен? Или можеби пак мислам само на тоа како другите да ги оговарам: дали виде како е облечен овој, како е облечен оној? Тоа понекогаш се прави после Литургијата, а не би смеело! Мораме да се грижиме за нашите браќа и сестри кои се во потреба поради некоја болест, поради некој проблем. Добро е денеска да мислиме на тие наши браќа и сестри кои ги имаат тие проблеми овде во Рим: проблеми поради трагедијата која ја причини дождот и социјалните проблеми и проблемите со работа. Да го молиме Исус, Кој го примаме во Евхаристијата, да ни помогне за да им помогнеме.

Втор – и тоа многу важен – показател е милоста да почувствуваме дека ни е опростено и дека сме спремни да опростиме. Понекогаш некои се прашуваат: „Зошто би морало да се оди на Света Литургија кога се знае дека оној кој редовно оди на Литургија е грешник како и сите други“? Колку само пати сме го слушнале тоа? Всушност оној кој оди на Литургија не го прави тоа затоа што сака да покаже дека е подобар од другите, туку всушност затоа што чувствува непрекината потреба да биде прифатен и препороден со Божјото милосрдие, кое се овоплоти во Исус Христос. Ако секој од нас не чувствува потреба за Божјото милосрдие, ако не се чувствува грешник, подобро да не оди на Света Литургија! Ние одиме на Литургија затоа што сме грешници и сакаме да примиме Божјо опростување и да бидеме учесници во Исусовото откупение, Неговото опростување. Она „се исповедувам“ кое го говориме на почетокот не го говориме "про форма", туку тоа е вистински покорнички чин! Јас сум грешник и тоа го признавам, така започнува Литургијата! Не смееме никогаш да заборавиме дека Исусовата Последна вечера е одржана „онаа ноќ, кога Го предадоа“ (1Кор 11,23). Во оној леб и вино кои ги принесуваме и околу кои се собираме секогаш се обновува дарот на Христовото тело и крв за опростување на нашите гревови. Мораме на Литургија да одиме понизно, како грешници и Господ ќе ни подели помирување.

Последниот скапоцен показател пружи однос помеѓу евхаристиското славење и животот на нашите христијански заедници. Треба секогаш да се има пред очи дека Евхаристијата не е нешто што го правиме ние; тоа не е сеќавање на она што го рекол и направил Исус. Тоа е Христов чин! Христос е Оној Кој таму делува, Кој е на олтарот. Тоа е Христов дар, Кој станува присутен и нѐ собира околу себе за да нѐ нахрани со своето Слово и со својот живот. Тоа значи дека посланието и самиот идентитет на Црквата извираат од таму, од евхаристијата и таму секогаш се обликува. Некое славење може однадвор да изгледа беспрекорно, преубаво, но ако не нè доведе со средба со Исус Христос, постои опасност да не донесе никаква храна на нашето срце и нашиот живот. Преку Евхаристијата, меѓутоа, Исус сака да влезе во нашиот живот и да го проткае со Својата милост, така во секоја христијанска заедница постои да доследност помеѓу Литургијата и животот.

Срцето ни се исполнува со доверба и надеж кога ќе се сетиме на Исусовите зборови кои ни ги носи Евангелието: „Која го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден“ (Ив 6,54). Да ја живееме Евхаристијата со духот на верата, молитвата, опростувањето, покората, заедничките радости, грижите за оние во потреба и за потребите на многу браќа и сестри, сигурни дека Господ ќе го исполни она што го вети! Нека биде така!

РВ/С.С.








All the contents on this site are copyrighted ©.