Папата на Ангел Господов: Радосната вест е упатена на сите
Евангелието од ова недела говори за почетоците на Исусото јавно делување во градовите
и селата во Галилеја. Неговото послание не започнува од Ерусалим односно од религиозниот,
општестениот и политичкиот центар, туку од периферијата, омразена од страна на најревните
Eвреи поради присутностa на различни народи во тој крај; затоа и пророкот Исаија ја
опишува како „незнабожечка Галилеја“ (Исаија 9,1).
Тоа е погранично подрачје
и транзитна зона каде се сретнуваат луѓе од различни раси, култури и религии. Така
Галилеја станува симболично место на отвореност на Евангелието за сите народи. Од
ова гледна точка, Галилеја наликува на денешниот свет: присутност на различни култури,
потреба од соочување и средби. И ние секојдневно сме потопени во една „незанабожечка
Галилеја“ и од тој контекст можеме да се исплашиме и да попуштиме на искушението со
градење на ограда за сопствена сигурност и заштита. Но, Исус нѐ учи дека Радосната
вест не е упатена само на еден дел на човештвото, туку треба да ја навестиме на сите.
Тоа радосно навестување е упатено на сите кои го очекуваат, но и на оние кои можеби
ништо не очекуваат ниту имаат сила да бараат и прашуваат.
Тргнувајќи од Галилеја
Исус нѐ учи дека никој не е исклучен од Божјото спасение; напротив – Бог повеќе сака
да започне од периферијата; од последните за да допре до сите. Нѐ учи со своја метода,
чија содржина е милосрдието на Отецот. „Секој христијанин и секоја заедница, се разликуваат
по сопствениот пат кој Господ од нив го бара, но сите сме повикани да го прифатиме
тој повик: да излеземе од сопствената удобност и да имаме храброст да допреме до сите
периферии на кои име е потребно светлото на Евангелието (сп. Апостолско писмо Evangelii
gaudium, 20).
Исус не само што го започнува своето послание од отфрлените места,
туку и со луѓе кои би можеле да ги опишиме како луѓе од „низок профил.“ Во изборот
на своите први ученици и идни Апостоли не се обраќа во училиштето на книжниците и
фарисеите, туку на понизни и едноставни луѓе кои сесрдно се подготвуваат за доаѓањето
на царството Божјо. Исус ги посетува и ги повикува од нивните „работни места“ од брегот
на езерото: тие се рибари. Ги повикува, а тие веднаш го следат; ги остваат мрежите
и тргнуваат со Него. Нивниот живот ќе стане посебна и прекрасна авантура.
Светиот
Отец напомна на собраните верници дека треба да бидат свесни за тоа дека во тој момент
Исус поминува и покрај нив и ги повикува и додаде дека ако некој од присутните слушне
повик „следи ме“ храбро да оди по Господ затоа што Он никогаш не разочарува. По
молитвата Ангел Господов, Папата го истакна следното: Денес се слави Денот на болни
од лепра. Ова болест, иако е во опаѓање, сѐ уште ги погодува луѓето кои живеат во
услови на крајна беда. Важно е да се одржи во живот солидарноста со овие наши браќа
и сестри. Да молиме за нив и за сите оние кои им помагаат и на различни начини се
заземаат за да се победи ова болест.
Во молитвата сум со Украина; посебно со
оние кои овие денови ги изгубија животите и со нивните семејства. Посакувам меѓу институциите
и во општеството, да се развие конструктивен дијалог и да се избегнува секакво насилно
делување, во секое срце да завладее духот на мирот и потрагата за заедничко добро
на сите – рече Папата и се потсети на суровото убијство на тригодишното дете Cocоa,
запалено во автомобилот, повикувајќи ги присутните на молитва за покајание на неговите
убијци и за нивно преобраќање.
Следните денови милиони луѓе од Далекиот Исток
и другите делови на светот меѓу кои се и Кинезите, Корејците и Виетнамците според
лунарниот календар ќе ја прослават Нова година. На сите им посакувам живот исполнет
со радост и надеж. Нека пребива неизгаслив копнеж за братство во нивните срца, во
семејната интима нека го пронајде своето привилигирано место каде ќе може да се открие,
негува и остварува. Тоа ќе биде драгоцен придонес за изградување на хуман свет во
кој владее мир.
Вчера во Наполи за блажена е прогласена Марија Кристина од
Савон (...). Таа жена со длабока духовност и голема понизност знаела да го преземе
на себе страдањето на својот народ така што станала мајка на сиромашните. Нејзиниот
посебен пример сведочи дека добриот евангелскиот живот е можен на секое место и во
сите општествени услови.
Светиот Отец ја изрази својата близина со населението
во Емилија погодени од поплава. На крајот посака добредојде на различните здруженија,
групи и поединци кои во ова прилика се собрани на плоштадот Свети Петар и срдечно
им заблагодари за нивната присутност, посебно осврнувајќи се на младите, членовите
на Католичката акција од кои двајца по тој повод од прозорот на Апостолската палата
ја прочитаа пораката, а во знак на мирот во лет пуштија два гулаби.