2014-01-24 10:29:41

Ватиканскиот набљудувач во ООН: Храбрите одлуки не се лесни


За време на седницата на Советот за безбедност на ОН, се дискутираше за ситуација на Блискиот Исток и посебно за палестинското прашање, при што постојаниот ватикански набљудувач при ОН во Њујорк монсињор Чуликат, ја потврди позицијата на Светата Столица за прашањето со Сирија и Израелско - палестинските преговори.

„Храбрите одлуки ретко се лесни" дури можат да бидат политички и „непопуларни", истакна монсињор Чуликат, додавајќи дека во врска со конфликтот на Блискиот Исток, сите „гледаат потребата од промена", но „мирот не е само отсуство на војна, туку бара условите за правда да ги задоволат сите народи и заедници". Ватиканскиот набљудувач посочи дека неговата „делегација својот глас уште еднаш го приклучува кон гласот на сите добронамерни луѓе кои со голема надеж прифаќаат продолжување на директни, сериозни и конкретни преговори за да може обновениот мировен процес да донесе подобри изгледи за во иднина".

Монсињор Чуликат неизбежно се задржа и на прашањето за Сирија и преговорите кои се водат во Швајцарија. Во неговиот говор ги повтори веќе во неколку наврати зборовите на папата Фрањо, за неопходноста од итен прекин на огнот за воениот судир, но исто така и брза помош на жртвите од конфликтот, како во Сирија, така и надвор од земјата. „Конференцијата Женева 2 нека биде повод за осмислување на критериумите за обнова на оваа прекрасна нација".

Во изјавата монсињор Чуликат го потврди ставот на Ватикан за преговорите на Советот за безбедност со Иран, по долготрајниот проблем за иранската нуклеарна програма. Но тој ја истакна и несигурноста на христијаните, кои имаат намера да ја напуштат или веќе го напуштиле Блискиот Исток, поради војната во Сирија и поради заканите на фундаменталистите. „Потребен е меѓурелигиски дијалог и помирување, за да се врати рамнотежата меѓу плуралистичко сириско општество. Светата Столица е подготвена да ги поддржи сите верски заедници во нивните напори за постигнување на разбирање и за продолжување на довербата, по овие години на насилство, одмазда и протести", изјави на крајот Ватиканскиот набљудувач.

РВ/го*ко








All the contents on this site are copyrighted ©.