2013-12-23 09:45:57

Во видео-порака Папата им се обрати на “картонеросите” во Аргентина


Со храната која се фрла би можело да се нахранат сите гладни луѓе во светот – изјави папата Фрањо во кратката видео-порака упатена кон “картонеросите”, односно лицата кои во Аргентина живеат благодарејќи на преработка на картон и други материјали. Пораката која е снимена на 5 декември во Ватикан, за време на аудиенцијата кај Папата, со еден од водителите на Движењето на исклучените работници, ја објави здружението кое брои илјадници такви лица.


Денес не можеме да дозволиме луксуз на расипништво на храната која останува на масите на богатите – јасно истакна Светиот Отец. Живееме во „култура на отпадок“, во која лесно се отфрлаат, не само предметите, туку и личностите – забележа папата Фрањо и изрази големо задоволство со луѓето кои работат како “картонероси”. Тие преработуваат, а со тоа произведуваат две нешта: - рече – а тоа е еколошка работа – многу потребна! – и производство кое воспоставува братство помеѓу луѓето и дава достоинство на сопствената работа. Креативни се во производството, а со еколошката димензија исто така се креативни во зачувувањето на земјата и светот. И така само да помислиме дека со храната која се фрла би можело да се нахранат сите гладни луѓе на светот! – истакна Светиот Отец.


Потоа потикнувајќи ги “картонеросите” и понатаму да ја обликуваат свеста за тоа дека преработката не е само еколошка – што според зборовите на Папата веќе е многу голема работа! – туку е плодоносна и за другите, Папата напомена дека сите треба да станеме свесни колку е важно да не ја расфрламе храната, затоа што има деца кои трпат заради глад! Ви благодарам за сè што правите! – додаде Светиот Отец.


Да споменеме на крајот дека “картонеросите” живеат во аргентинските фавели, сиромашни населби, во кои живеат мажи и жени кои до големата економска криза во 2001 година имале работа и социјална заштита, и кои од денес до утре се нашле во таква ситуација во ѓубрето да барат картон, метал и храна. На светата Литургија на почетокот на папството на папа Фрањо, 19 март оваа година, беше присутен и еден претставник на “картонеросите”, во нивната сино-зелена облека со натпис „Движење на исклучените работници“. Освен тоа, папа Фрањо посака нивните претставници да бидат покрај него во текот на Крсниот пат во Рио де Женеиро, 26 јули.


РВ/Е.А.








All the contents on this site are copyrighted ©.