Објавена пораката на папата Фрањо за Светскиот ден на болните
Црквата во болните го препознава „посебното присуство на Христос кој трпи“ – истакнува
папата Фрањо во пораката за 22. Светски ден на болните, кој секоја година се слави
на 11 февруари, на празникот Богородица Лурдска, а следниот ќе се слави под мотото
„Вера и љубов: И ние треба за браќата да го дадеме животот“.
Пораката на Папата
е полна со надеж: „бидејќи и ноќта на болка во Божјиот план на љубовта се отвора за
воскресното светло“; како и охрабрување: „во негово друштво, со Него соединети да
се соочиме со секоја неволја“. Папата потсети дека Исус на себе ги зеде болестите
и страдањата, претворајќи ги и преобразувајќи ги во светло на „нов живот во полнина“,
кои негативните искуства ги менува во позитивни. Одејќи по патот на Христос, Кој од
љубов се даруваше, и ние исто така „можеме да ги љубиме другите, како што Бог нѐ љубеше
нас, давајќи го животот за браќата.“
Верата во добриот Бог станува добрина;
а верата во распнатиот Христос – сила да се љуби до крај; исто така и непријателите;
себедарување, посебно кон ближниот, посебно оние кои не заслужуваат, а кои трпат и
се отфрлени – стои во пораката на Папата.
Приближувајќи им се со нежност „на
оние кои имаат потреба од нега, во спротивност со светот, внесуваме надеж и Божја
насмевка. Несебично посветување на другите, станува начин на нашето делување. Марија
е христијански пример „за раст во нежноста во чувствителна и скромна љубов“. Девица,
Мајка на болните и оние кои трпат стои под нашите крстови и нѐ следи на патот кон
воскресението и животот во полнина – пишува Светиот Отец.
Со Марија покрај
крстот стои и Иван кој нѐ потсетува дека не можеме да го љубиме Бог, ако не ги љубиме
браќата. Крстот е сигурност на верната Божја љубов кон нас; нѐ повикува да дозволиме
таа љубов да нѐ зарази; да нѐ учи другиот секогаш да го гледаме со милосрдие и љубов
– посебно ако страда и ако му е потребна помош. Завршувајќи ја пораката, Светиот Отец
поттикнува Светскиот ден на болни да се прослави во заедништво со Исус Христос, подржувајќи
ги оние кои се грижат за болните и за оние кои трпат.