2013-11-26 11:02:59

Проповед на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов на празникот Христос Цар – завршеток на Година на верата


Драги браќа и сестри, славејќи го завршетокот на литургиската година го славиме празникот на Исус Христос - Цар на сето создание. Годинава овој празник има посебно значење, бидејќи денес свечено ја завршуваме и Годината на верата, која започна да се слави по повод 50 години од Вториот Ватикански концил, а беше отворена од Светиот Отец Бенедикт XVI. На отворањето на Годината на верата тој повика на обнова не толку на верските вистини како такви, ниту на самиот чин на верата, колку на обновата на верата како Дар на Светиот Дух кој го обновува лицето на земјата. Заедно размислувајќи при оваа света Евхаристија да се потрудиме во светлината на Светиот Дух да го слушнеме тоа што Црквата ни го нуди во Божјото Слово. Знаеме дека Бог си избра Народ кого чудесно го направи свој народ и уште почудесно го водеше низ историјата. Тоа беше народ со тврда шија и уште потврда природа, народ кој што лесно се препушти да биде воден и од самиот Бог, а приврзаноста на тој народ кон Бога овозможи Бог повеќе пати чудесно да го привлече кон себе во сојуз. Во првото читање пред нас е Божјиот миленик цар Давид. Него го избра Бог – кога веќе тој не остана цар Израилев – барем да биде цар на оној кого Бог го бира според своето срце. Народот прифати: Еве ние сме од твоето месо и од твојата крв... ти ќе го пасиш мојот народ израилски и ти ќе бидеш кнез на Израил. Но, Бог му вети на Давид царство кое нема да прејде. Неговото потомство ќе трае вечно. Во полнотата на времето кога Господ науми да го обнови човекот во Неговата природа, да го излечи од неговиот пад и да ја припитоми неговата тврда шија го изведе најчудесното дело на своето милосрдие, дело на откупување. Новиот цар на новиот Израил, на новиот Божји народ е коска од нашето тело, а од нашите коски и месо од нашето месо СЛОВОТО СТАНА ТЕЛО И СЕ ВСЕЛИ МЕЃУ НАС. Дојде самиот Бог во посета на новото царство кај својот народ, но не повеќе како моќен цар од било кое земско царство облечен во пурпур украсен со злато, туку на себе ја облече слабоста на човечкото тело, наметнат во излижана и трошна кабаница на нашата човечност натопена во сопствената крв. Го прифати достоинството на цар, но го зазеде престолот на крстот, се круниса со венец од трње и прими жезол – кршлива трска. О, чуден ли цар и уште почудесно царство! Кој може да се загледа во него и кој може да му се воодушеви на тоа царство што Тој го нуди. Да погледнеме како свети апостол Павле ни донесе длабоко уверение, тој кој искуси дека за тој цар вреди да се живее и да се умре, вели: „Благодарејќи Му на Бога и Отецот, Кој нè направи способни да учествуваме во наследството на светиите во светлината, нè избави од власта на темнината и нè воведе во царството на Својот возљубен Син, во Кого имаме откуп преку крвта Негова и опростување на гревовите“. Да, тоа е проглас од делот на Синот човечки – Синот Божји – кој во наследство го зеде новиот Божји народ но претходно го осветли со светлината на својата вистина го избави од темнината на заблудите и ги зеде врз себе нашите вини, ги уништи нашите гревови и не приведе до Бога, свети и исчистени за нов Божји народ во царството на вистината, правдата, љубовта и мирот. Така на чудесен начин приведе сè кон Бог Отецот, Тој Исус кому му е сè потчинето, на небото и земјата, видливо и невидливо, бидејќи Тој е пред сите и сè постои од Него.

Браќа и сестри, кога размислуваме за Таинството на Откупувањето трајно пред себе имаме слика на човекот онаков каков што го создаде Бог. Круна на создавањето е човекот. Исто така смееме да тврдиме дека целта на создавањето е човекот, кој според достоинството е живо прославување Божјо на земјата. На Бога сличен, од Бога повикан, Божји пријател, наследник на Божествената природа, но слободен. Го создаде нешто помал од Ангелите и го обдари со чест и достоинство. Изборот дека тој, на Бога сличен човек, може во целост да живее без Бога, го фрли во состојба на темнина и лаги. Го заведе и го измами отецот на лагата – ѓаволот. Никогаш до крај не можеме да ја сфатиме трагедијата на источниот грев кој од оваа земја направи долина на солзите, а од човекот промашено суштество. Тоа не е Божји план, тоа не е Божјо дело, но, нашата генерација повеќе од било која во историјата носи длабоко искуство во себе, што значи, човечкиот живот ако се живее како да го нема Бога. Колку разочарувања, колку измами, колку несигурности, колку немири и тешкотии, колку осамености и страдања, за кои јасно и исклучиво е одговорен човекот. Не е земјата лоша, не е природата лоша, единствен неред и на земјата и во природата прави човекот. Оваа сознание и оваа искуство од нас извлекува едно драматично прашање: Каде оди овој свет? Каде води оваа економија? До каде може да достигне обесчестеноста на човекот? Што може уште повеќе да не затруе од затруената атмосфера на релативизираната вистина и загадената природа? Имаме ли чист воздух што го дишеме, имаме ли морални вредности кои ги живееме, имаме ли здрава храна со која се храниме, имаме ли работно место на кое чесно го заработуваме својот леб? Се прашуваме Господе, каде оди овој свет?

Тој даде одговор: со чинот на откупување на човекот од неговите гревови, од неговите тесногради човечки закони, кои не гледаат на човекот туку само на параграфи, конечно го ослободи и од најболната последица на гревот, а тоа е смртта. Затоа Црквата денес ги воздигнува своите очи кон тој Цар кој виси на крстот. Не ја свртува главата од Него како левиот разбојник туку трогателно го набљудува неговото крваво лице и чита натпис над главата дека овој е Цар од потомството на Давид. Зошто го осуди Пилат? Затоа што е осуден од Големиот совет? Не. Затоа што рече дека Тој е Цар и дека секој кој е од вистината го слуша Неговиот глас. Ниту еден тиранин, ниту еден властодржец не сака да чуе дека постои царство кое се води според логиката на вистината. Пилат ги изми рацете, се задоволи Синедрионот што се ослободи од Учителот, а Пилат од Царот на вистината. Причина зошто Христос го зазеде престолот на крстот е фактот дека ТОЈ Е ОД ВИСТИНАТА, да сведочи вистина и дека вистината победува. Тој факт на таквото царство го видоа два човека: прв е разбојникот, папа Фрањо претпочита да каже добриот разбојник. Тој човек, имено, гледа дека од она царство на кое луѓето му се надевале нема ништо. Увидува дека овој човек Исус, кој умира за Вистината е цар и од истиот миг се обраќа вернички и покајнички: „Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!“ (Лк 23,42). Какво ли чудо, првиот жител на рајот стана обратениот разбојник. Вториот човек кој забележа е паганин. Пилат го осуди, а неговиот војник увиде: „Навистина Овој Човек бил праведник!“ (Лк 23,47). Браќа и сестри, над човечката трагедија, над човечката злоба, над човечката нечовечност во злото се засрами и сонцето, се помрачи и месечината. Зарем тоа исто не се случува и во денешни денови? Токму затоа што живееме историско време од кое понекогаш се срами и сонцето и месечината Бог воздигнува толку мажи и жени да ја покаже вредноста на соспасителскиот од на човекот кој не се откажува од Вистината, кој не ја превртува Вистината, кој не ја гази Вистината, кој не се срами од Вистината бидејќи, ВИСТИНАТА ВАС ЌЕ ВЕ ОСЛОБОДИ. Таа Вистина спасува и покрај нашите слабости, покрај нашите гревови, покрај нашите лутања, бидејќи нам воздигнатиот Христос ни прозборе најгласно од крстот и нѐ повика во заедништвото на светите. Ја завршуваме Годината на верата: Верата која ја исповедуваме е вредност само тогаш ако ја прифатиме:
1. Како Божји милосен дар. Никогаш да не заборавиме дека верата е Божји дар и дека трајно во нашето срце е молитва. Господи умножи ни ја верата.

2. Верата е само тогаш жива ако се живее. Нашиот Бог не е Бог на мртвите туку на живите. Исус Христос не само што умре туку и воскресна, тој нè не напушти туку со нас останува до завршетокот на светот. Верникот не само да знае туку од тоа и за тоа живее.

3. Верата се живее и тогаш се навестува и оној кој нема искуство на живиот Бог не може да биде верник. Кој со Христос не спријателува не може да биде Негов сведок. Тогаш на крајот од Годината на верата да молиме: Господи ти нас направи нѐ учесници во светот на светлината, Ти ни го дарува Христос чие Слово стана тело и се всели во нас, Ти ни даде водителка во верата - Марија, Ти подај ни дар на Светиот Дух вечно да те славиме во молитвата, сведоштвото и животот. Амин.








All the contents on this site are copyrighted ©.