2013-11-06 14:36:17

Папата Фрањо: Христијанинот е повикан на славење


Повикот на славење е суштината на христијанството – истакна Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 5 ноември во капелата на домот Света Марта, велејќи дека повикот е упатен до сите, а не само до добрите луѓе, и додаде дека на Господовото славење се учествува со целото битие во заедништво со сите. Христијаните не смеат да се задоволат само со тоа да бидат на списокот на поканетите, бидејќи списокот не гарантира спасение – рече Папата.

Осврнувајќи се на литургиските читања, Светиот Отец рече дека ја оцртуваат личната карта на христијанинот, нагласувајќи дека е суштината на христијанството е повикот: по повикот сме христијани. Станува збор за Божјиот бесплатен повик на славење, тој повик не може да се купи: ако не си повикан не можеш да учествуваш на славењето. Ако не сме свесни на повикот, тогаш не сфаќаме што значи да се биде христијанин – рече Папата.

На што е повикан христијанинот? – праша Папата – на прошетка; на некакво пазарување?! Господ сака да ни каже: христијанинот е повикан на славење. Повикан е на славење, за да се весели затоа што е спасен, откупен; повикан е на радост на соживотот со Исус. Тоа е веселба и ти си повикан на таа веселба. На славење се собираат луѓе кои раговараат, се смејат,слават, се радуваат – тоа е всушност радосен собир – рече Светиот Отец, додавајќи:
Никогаш на заедничко славење не сум видел некој сам да се весели. Тоа би било малку досадно; сам да го отвора шишето вино... Не е тоа славење, тоа е нешто друго. Се слави со другите, во семејството, со пријателите, со гостите, како што сум и јас. За да се биде христијанин се бара припадност; се припаѓа на Телото, на народот повикан на славење: тоа е христијанската припадност– објасни папата Фрањо.

Осврнувајќи се на Посланието до Римјаните, Папата ја истакна заедничката димензија на христијанското славење: сите се повикани, добри и лоши, во прв ред маргинилизираните. Црквата не е само за добрите луѓе. А кој припаѓа на Црквата; на ова славење? – грешниците. Сите сме повикани; сите сме грешници. Заедница сме на различни со различни дарови: некој има дар за пророкување, некој има дар за служење, некој е учител... Секој има некоја доблест. На славењето го носиме сето тоа што со другите можеме да го поделиме. На славењето се учествува со целото битие. Христијанската суштина не може да се сфати без тоа учество. Сите учествуваме во славењето – рече Светиот Отец, додавајќи:

Не може да одиш на славење и да застанеш во предворјето разговарајќи со двајца, тројца луѓе, а што е со останатите...? Во Црквата така не се прави. Или си со сите или остануваш надвор. Не можеш да бираш: Црквата е за сите почнувајќи од оние кои ги спомнав, од крајните и припаѓа на сите – нагласи папата Фрањо. Повиканите ја обликуваат заедницата, гости се на заедничко славење. Исус во параболата вели како гостите, еден по друг бараат причина за да не дојдат на славење – да не го прифатат повикот. Ветуваат, но не доаѓаат. Таквите христијани се задоволуваат со повикот, но тоа не е доволно – предупреди папата Фрањо –бидејќи вбројувањето на листата не служи за спасение. Ова е Црквата: пристапувањето во Црквата е милост; повик. А тоа право не може да се купи. Да влезеш во Црквата значи да пристапиш на заедницата во Црквата; со другите да делиш сѐ што имаш – даровите кои сме ги примиле од Господ за да служиме на другите. Освен тоа, да се биде член на Црквата, значи да исполниш сѐ она што Бог го бара од нас. На крајот, да се биде член на Црквата значи да станеш дел од Божјиот народ кој оди кон вечноста. Во Црквата никој не е протагонист, имаме само еден Зачетник, кој сѐ направил, а тоа е Бог. Сите ние сме зад Него, а кој не е зад него, се оправдува и не оди на славење – истакна папата.

Господ е многу великодушен, на сите ни ја отвора вратата. Го разбира и оној кој вели: Господи, не сакам да те следам! Разбира и чека, бидејќи е милосрден. На Господ не му се допаѓа човек кој ветува, а не го извршува ветувањето; кој глуми дека му благодари за сѐ, а всушност оди по својот пат, има убави начини, но ја врши својата, а не Божјата волја. Таквите секогаш се оправдуваат, бидејќи не ја познаваат радоста, бидејќи не ја искусиле радоста на припадноста, објасни папата Фрањо, потикнувајќи на молитва. Од Господ да ја бараме ова милост: добро да ја сфатиме убавината на славењето; убавината на заедништвото и делењето на сопствените крепости со сите; дека е пријатно да бидеш со Него и дека е грдо да си играш со зборовите „да“ и „не“; да кажеш да и да се задоволуваш со тоа што си вброен во списокот на христијаните – заврши папата.

рв/д.и.








All the contents on this site are copyrighted ©.