2013-11-04 10:28:25

Да му дозвоолиме на Исус да нe повика по име


Нема грев или злосторство кое може да го избриши некое негово дете од Божјото сеќавање или срце, истакна папата Фрањо во говорот пред молитвата Ангел Господов на 3 ноември на плоштадот Свети Петар во Ватикан. Пред големото мноштво верници и поклоници собрани на плоштадот папата Фрањо говореше за Евангелието од светата Литургија и истакна дека настанот со Закхеј е средба која засекогаш го менува животот.


Го пренесуваме говорот на Светиот Отец во целост:
Драги браќа и сестри, добар ден! Делот од Евангелието по Лука оваа недела ни го покажува Исус кој, на својот пат кон Ерусалим, влегува во Ерихон. Тоа е последната етапа од патувањето која ја сумира во себе смислата на целиот Исусов живот, на посветено барање и спасување на изгубените овци на домот Израилев. Меѓутоа колку повеќе се ближи кон својата цел, толку повеќе околу Исус се стеснува кругот на непријателствата.

Сепак, во Ерихон се случи еден од најрадосните настани, кое го опишува свети Лука: Обраќањето на Закхеј. Тој човек е изгубена овца, презрен и „исклучен“, бидејќи е цариник, уште повеќе, началник на цариниците на тој град, пријател на омразените римски окупатори, крадец и експлотатор. Спречен да се приближи до Исус, веројатно бидејќи бил на лош глас, и бидејќи бил низок, Закхеј се качува на дрво да го види Учителот кога ќе поминува. Тој надворешен, помалку смешен, чин е израз, меѓутоа, на внатрешен чин на човек кој се обидува да се издигне над мноштвото и да стапи во контакт со Исус. Самиот Закхеј не ја знае длабоката смисла на тој свој чин; не знае зошто тоа го прави, ама сепак го прави тоа; ниту се осудува да се надева дека оддалеченоста која го дели од Господ може да биде надмината; се задоволува со тоа да го види на поминување. Меѓутоа, Исус, кога дојде до тоа дрво, го повикува по име: „Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом“ (Лк 19,5). Тој човек низок по раст, отфрлен од сите и далеку од Исус е како изгубен во анонимноста; меѓутоа Исус го повикува, и тоа име со јазикот на тоа време има значење со полно алузија: „Закхеј“ имено значи „Бог си спомнува“.


Убаво е тоа: „Бог си спомнува“. И Исус оди во куќата на Закхеј, предизвикувајќи со тоа критика на сите жители на Ерихон. Бидејќи, знаете, и во тоа време многу се озборувало. Луѓето зборуваа: „Како тоа од сите чесни луѓе во овој град, Тој оди токму кај тој цариник“? Да, бидејќи тој беше изгубен; и Исус вели: „Денес дојде спасението за овој дом, зашто и тој е син Авраамов“ (Лк 19,9). Во куќата на Закхеј, од тој ден, влезе радоста, влезе спасението, влезе Исус.


Нема таква професија или општествена положба, нема таков грев или злосторство кое би можело да избрише од Божјото сеќавање и срце ниеден од Неговите синови. „Бог си спомнува“, секогаш, не заборава никого од оние кои ги создаде; Тој е Отец, чека секогаш будно и со љубов за да види како во срцето на Неговото дете повторно се јавува желбата да се врати дома. И кога ќе ја препознае таа желба, па била таа и едноставно навестена, и многу пати и несвесна, веднаш брза да го сретне и да биде покрај него и со своето опростување да му го олесни патот на обраќање и враќање. Меѓутоа да го погледнеме денес Закхеј на дрвото: смешен е, ама тоа е чин на спасение. А јас тебе ти велам: ако нешто те потиштива, ако се срамиш од многу работи кои си ги направил, запри малку, не плаши се, мисли на тоа дека Некој те чека, бидејќи никогаш не престанал да те чека, да мисли на тебе. А Тој некој е твојот Отец, тоа е Бог, тоа е Исус Кој те чека. Качи се, како што направи Закхеј; качи се на дрвото со желба за опростување. Јас ти гарантирам дека нема да се разочараш: Исус е милосрден и никогаш не се уморува да опростува. Запаметете го тоа добро, таков е Исус.


Браќа и сестри да Му дозволиме и ние на Исус да нè повика по име! Во длабочината на срцето, да го послушаме Неговиот глас кој ни вели: „Денес треба да бидам во твојот дом“, односно во твојот живот. И да Го прифатиме со радост: Тој може да нè промени, може да го преобрази нашето срце од камен во срце од месо, може да нè ослободи од себичноста и да направи од нашиот живот дар на љубов. Исус тоа може да го направи. Дозволи Му на Исус да Го впери Својот поглед кон тебе.

С.С.








All the contents on this site are copyrighted ©.