2013-10-24 10:46:37

Марија слика и пример на Црквата


Драги браќа и сестри, добар ден! Продолжувајќи ја катехезата за Црквата, денеска сакам да ја гледам Марија како слика и пример на Црквата. Ќе потсетам во врска со тоа на зборовите од Вториот ватикански собор. Во конституцијата Светло на народите (Lumen gentium) се вели: „Како што веќе свети Амврозиј научуваше, Богородица е пралик на Црквата во редот на верата, љубовта и совршеното единство со Христос“ (63).

1.Да тргнеме од првиот аспект: Марија како пример на верата. Во која смисла Марија претставува пример на верата на Црквата? Да помислиме на тоа која беше Дева Марија: еврејска девојка, која со сето срце го исчекуваше откупението на својот народ. Меѓутоа во срцето на младата Израелска ќерка се криеше тајна која таа самата не ја познаваше: во планот на Божјата љубов беше одредена да биде Мајка на Откупителот. При навестувањето, Божјиот гласник, ја ослови со „благодатна“ и нејзе ѝ го објавува тој план. Марија одговара со „да“ и од тој час верата на Марија добива едно ново светло: се фокусира на Исус, Синот Божји кој од неа зеде тело и во кое се исполнуваат ветувањата на целата историја на спасението. Верата на Марија исполнување на Израелската вера, во неа е згуснато целото она одење, целиот оној пат на тој народ на верата, кој го исчекуваше откупението, и во таа смисла таа е пример на вера на Црквата, која го има за средиште Христос, овоплотението на Божјата бескрајна љубов.

Како Марија ја живееше таа вера? Во едноставноста на безбројните секојдневни работи и грижи кои ги има секоја мајка: како да се обезбеди храна, облека, да се грижи за куќата... Всушност тој обичен живот на Богородица беше подлога на која се одигра единствен однос и длабок дијалог помеѓу неа и Бог, помеѓу неа и нејзиниот Син. Она „да“ на Марија, веќе совршен на почетокот, растеше сè повеќе, сè до часот на крстот. Таму нејзиното мајчинство се прошири опфаќајќи го секој од нас, нашиот живот, да нѐ поведе до нејзиниот Син. Марија отсекогаш живееше потоната во отајството на овоплотениот Бог, како негова прва и совршена ученичка, размислувајќи за сè во своето срце во светло на Светиот Дух, како би ја сфатила и во целост спроведела Божјата волја. Сега можеме да си го поставиме прашањето: дозволуваме ли да нѐ расветли верата на Марија која е наша мајка? Или мислиме дека е далеку, премногу различна од нас? Во моментите на тешкотии, искушенија, темнина, гледаме ли во неа како пример на надеж во Бог, Кој го сака секогаш и само нашето добро? Мислејќи на тоа, можеби ќе ни биде добро повторно да ја откриеме Марија како пример и слика на Црквата во таа вера која ја имала таа?

2. Така доаѓаме до вториот аспект: Марија како пример на љубовта. На кој начин Марија за Црквата е жив пример на љубовта? Да се сетиме на нејзината расположеност спрема нејзината роднина Елисавета. Посетувајќи ја, Дева Марија не ѝ донесе само материјална помош, и тоа, туку и го донесе Исус, Кого веќе го носеше во своето крило. Да се носи Исус во таа куќа значело да се носи радост, полна радост. Елисавета и Захарија веќе беа среќни поради бременоста која се чинеше невозможна во нивната доба, меѓутоа младата Марија им носи полна радост, онаа која доаѓа од Исус и Светиот Дух и се изразува во бесплатната љубов, во делењето, во взаемното помагање и меѓусебното разбирање.

Богородица сака и на нас, на сите нас, да ни го донесе големиот дар кој е Исус; а со Него ни ја носи и неговата љубов, неговиот мир, неговата радост. Така Црквата е како Марија: Црквата не е продавница, не е хуманитарно здружение, Црквата не е невладина организација, Црквата е испратена на сите да го донесе Христос и Неговото евангелие; не се носи самата себе – била таа мала или голема, слаба или силна, туку Црквата го носи Исус и мора да биде како Марија, кога тргна да ја посети Елисавета. Што и носеше Марија? Исус. Црквата го носи Исус: тоа е средиштето на Црквата, да го носи Исус! Ако – хипотетски говорејќи – еднаш се случи Црквата да не го носи Исус, тоа би била мртва Црква! Црквата мора да го носи Исусовото милосрдие, Исусовата љубов.

Зборувавме за Марија, за Исус. А ние? Ние кои сме Црква? Која е љубовта која им ја носиме на другите? Дали е тоа Исусовата љубов, која дели, која опростува, која прати, или е тоа разводнета љубов, како виното кое се разводнува толку многу па изгледа како вода? Дали е таа љубов силна или е така слаба, па се води од симпатии, бара возвраќање, себична љубов? Друго прашање: Му се допаѓа ли на Исус себичната љубов или не? Не, не Му се допаѓа, бидејќи љубовта мора да биде бесплатна, како неговата. Какви се односите во нашите парохии, во нашите заедници? Се посетуваме ли едни на други како браќа и сестри? Или взаемно се осудуваме, зборуваме лошо едни за други, секој од нас негува сопствена „мала градина“ или се грижиме едни за други? Тоа се прашања на љубовта!

3. И уште само кратко за последниот аспект: Марија пример на единството со Христос. Животот на Дева Марија беше типичен живот на жена на народот на кој му припаѓаше: се молеше, работеше, одеше во синагога... Но, секој чин секогаш го правеше во потполно единство со Исус. Тоа единство ја достигна својата кулминација на Голгота: тука Марија се соединува со Синот во мачеништво на срцето и во принесувањето на животот на Отецот за спасение на луѓето. Богородица ја прегрна болката на Синот и ја прифати со него волјата на Отецот, во онаа послушност која носи плод, која дава вистинска победа над злото и смртта.

Многу е убава таа стварност на која нè учи Марија: секогаш да се биде соединет со Исус. Можеме да се запрашаме: дали се сеќаваме на Исус само кога нешто не оди и кога нешто ни треба, или нашиот однос е постојан, длабоко пријателство, и кога треба да го следиме на крстниот пат? Да го молиме Господ да ни ја даде својата милост, својата сила во нашиот живот и во животот на секоја заедница да се одразува примерот на Марија, Мајка на Црквата. Така нека биде!

(Д.И./с.с.)








All the contents on this site are copyrighted ©.