2013-10-19 10:04:11

Црквата е апостолска


Продолжувајќи со поука за Символот на Верата, Светиот Отец, во катехезата на Генералната ауденција во среда 16 октомври запре на членот од Символот на верата: Верувам во една, света, католичка и апостолска Црква.

Да исповедаш дека Црквата е апостолска значи да ја истакнеш нејзината длабока поврзаност со Апостолите; со група на луѓе кои Исус ги повика кај себе по име, за да останат со Него и за да ги испрати да проповедаат (Марко 3,13-19) – рече Папата Фрањо, појаснувајќи дека зборот апостол значи испратен. Апостолот е личност која е испратена нешто да направи и објасни дека Апостолите биле избрани од Исус и испратени за да го продолжат Неговото дело односно да молат и да го навестуваат Евангелието.

Во првите времиња Црквата – Апостолите од мноштвото работи и активности кои ги вршиле, немале многу време да посветат на молитва, па затоа ракоположиле ѓакони. Епископите се нивни наследници. Треба да се запрашаме: Дали моли овој епископ? Го навестува ли Евангелието? Бидејќи тоа значи дека си апостол и по тоа Црквата е апостолска. Но, и ние ако навистина сакаме да бидеме апостоли, треба самите себе да се запрашаме: Дали молам вистински за спасение на светот? Го навестувам ли Евангелието? – поттикна Папата, и во поуката истакна дека Црквата има три значења во поимот апостолска: Црквата е апостолска бидејќи се темели на проповедање и на молитвата на Апостолите и на власта која ја примија од самиот Христос. Павле во Посланието до Ефесјаните верници ги нарекува: сожители на светиите и свои на Бога (сп.Ефесјаните 2,19-20). Споредувајќи ги со живи камења кои се вградени во зградата – Црквата и се темели на Апостолите како столбови, а Темел на сите згради е Исус. Без Исус Црквата не може да постои – рече Папата и повтори – Нема Црква без Исуса; дали разбравте?! Тој е самиот Темел на Црквата – рече Папата.

Апостолите, живеејќи со Исус, ги слушале Неговите зборови, го делеле неговиот начин на живот и пред си: се сведоци на Неговата смрт и воскресение. Нашата Црква не се темели на некоја идеја или филозофија туку на самиот Христос – нагласи Папата. Црквата е како некое растение, кое низ вековите расте и се развива, и ги донесува своите плодови, но е вкорената на Исус Христос и таквото темелно искуство кое го имале Апостолите со Христос, допира и до нас.

Како денес да се поврземе со сведоштвото на Апостолите или со она што го слушале од Исуса и го искусиле, како може да допре до нас? Тоа е второто значање на апостолската Црква – рече Папата и потсети на Катехизмот на Католичката Црква, во кое се наведува: Црквата е апостолска бидејќи – со помош на Светиот Дух Кој престојува во Неа – ја чува и пренесува науката, содржината и здравите зборови кои ги слушнале Апостолите. Црква низ вековите го чува тоа скапоцено богатство: Светото Писмо, науката на Црквата, Светите Тајни и пастирската служба, и така може да бидеме верни на Христос и да учествуваме во неговиот живот.

Црквата е како река која извира, натопува и тече низ историја која на своето влевање е она иста река која изивра од Изворот – Христос.

Христос е Воскреснат и Жив и неговите зборови не поминуваат – рече Светиот Отец и додаде: Тој и денес е жив и овде е меѓу нас! Нѐ слуша кога Му говориме; Тој е во нашето срце. Исус е со нас, тука! - извика Папата. И тоа е убавината на Црквата: присутноста на Исусос Христос меѓу нас; кој е жив бидејќи воскресна. Помислуваме ли понекогаш за Христовиот дар - Црквата, каде Христос можеме да го сретнеме; за тоа дека Црквата низ вековите и покрај тешкотиите, проблемите, слабостите, и нашите гревови – ни ја пренесува и предава веродостојно Христовата порака; ни дава сигурност дека тоа во што веруваме и што и Христос навестува е вистина- праша Светиот Отец.

Црквата е апостолска, бидејќи е испратена да го навестува Евангелието по целиот свет – рече Папата Фрањо и продолжи: Тоа што Исус го довери на апостолите, продолжува и денес – Одете и направете ги сите народи Мои ученици, крштавајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, учејќи ги да пазат сè што Сум ви заповедал! И еве, Јас Сум со вас во сите дни до свршетокот на светот.” (Матеј 28, 19-20)

Инсистирам на овој вид послание, бидејќи сите Христос нѐ испраќа меѓу другите; да им ја донесеме радоста на Евангелието. Уште еднаш да се запрашаме: Дали навистина сме апостоли со своите зборови; или уште повеќе со својот христијански живот и сведочење? Или сме, спротивно, христијани затворени во сопственото срце; христијани на сакристијата и христијани на зборови, а кои всушност живеат како погани – праша Папата и додаде – Но, треба за ова да се запрашаме и ова не е приговор – па и самиот на себе си го поставувам истото прашање – Каков сум како христијанин; сведочам ли вистински дека тоа сум навистина?

Папата на крајот од катехезата кажа дека Црквата е вкорената во науката на апостолите, вистински Христови сведоци, но секогаш гледа кон иднината, сигурна и уверена дека е испратена од Христос; со молитва, навестување и сведочење, го пренесува Неговото Име. Црквата затворена во себе и која живее во минатото, го издава сопствениот идентитет – рече Папата и повика: Денес да ја откриеме одново целата убавина и одговорност на тоа што значи да се биде апостолска Црква: да молиме, да навестуваме со својот живот, но и со своите зборови – заврши Папата.

Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.