2013-09-20 13:22:30

Папата до новите епископи: Бидете со своето стадо


Цитирајќи го Псалм (132,1) „Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно!“, Светиот Отец се обрати на собирот за нови епископи, кој овие денови се одржува во Ватикан под покровителство на Конгрегацијата на епископи и Конгрегацијата за Источни Цркви, истакнувајќи ја светотаинската врска меѓу Епископскиот колегиум со Римскиот Епископ. Тоа единствено тело нека нѐ надахнува во секојдневната работа и нѐ поттикнува на размислување: Како во епископатот да се применува духот на заедништво и соработка? Како да изградуваме заедништво и единство во Црквата која Господ ми ја довери? Епископот е човек на заедништво, „видлив извор и темел на единство (ЛГ, 23) истакна Папата Фрањо.

Одговарајќи на поздравот на кардинал Марка Оуелет префект на Конгрегацијата за епископи, Папата го поздрави кардинал Леонардо Сандри, префект на Конгрегацијата за Источни Цркви, и филипинскиот кардинал Луис Тагле и сите присутни епископи, а потоа го започна говорот цитирајќи од Првото Послание на свети Петар. пасете го Божјото стадо, кое е меѓу вас, и надгледувајте го, не со сила, туку доброволно, како што Бог сака; не од желба за срамна печалба, туку од добро срце; и не како да господарите над оние, кои ви се доверени, туку бидете му пример на стадото. (1Петрово 5,2-3) Што значи пасете го стадото, секојдневно грижете се за него? – праша Светиот Отец. Да го пасеш значи: великодушно прифаќање, одење и останување со стадото. Говорејќи за великодушното прифаќање рече дека епископот со великодушно срце треба да го прифаќа секој маж и секоја жена. Веќе сега запрашајте се: оние кои чукаат на вратата на мојата куќа, ќе ја најдат ли отворена? Ако по вашата добрина и љубезност ја најдат отворена, ќе го искусите Божјото татковство и ќе сфатите дека Црквата е добра мајка која секогаш прифаќа и љуби – рече Папата Фрањо.

Говорејќи пак за одењето со стадото, Папата рече дека епископот оди со своето стадо, односно со верниците делејќи ја нивната радост, надеж, потешкотии и страдања, како со брат и како со татко; способен е да слуша, сфаќа, помага и насочува. А со тоа епископот поттикнува на љубов кон своите свештеници. Тие се ваши први соработници, од нив треба да барате совет и потпора, а за нив треба да се грижите како татковци, браќа и пријатели – рече Светиот Отец.

Духовната грижа за свештениците нека биде ваша прва задача, но не заборавајте ги и човечките потреби на свештениците, посебно во чувствителни моменти од нивната служба и живот. Времето поминато со свештениците никогаш не е изгубено. Секогаш примајте ги кога тоа го бараат, секогаш одговарајте на нивниот телефонски повик, одржувајте со нив контакти и секогаш им бидете на располагање – потикна Светиот Отец, а потоа се осврна на важноста на престојот на епископот во епархијата.

Во проповедта на Светата Литургија кога се посветува мирото реков дека пастирите треба да мирисаат на овците, а тоа значи да остануваат со својот народ како Исус, Добриот Пастир. Важна е вашата присутност, верниците ја бараат бидејќи сакаат да одат со својот епископ, сакат да бидат со него. Немојте да се затворите! Одете меѓу верниците, излезете на периферијата на својата епархија и во сите „егзистенцијални периферии“ каде што е страдање, осаменост и човечко понижување – потикна Папата. Пасторална присутност е одење со Божјиот народ: напред, покажувајќи го патот, во средина зацврстувајќи го единството; назад, за некој да не се загуби. Ако епископот живее со својот народ, тогаш може да слушне, што им зборува Духот на Црквите (Откровение 2,7) но и „гласот на овците“. Пасторалната присутност ќе ви овозможи подетално да ја запознаете културата, навиките и обичаите на таа територија, и неговото богатство на светост – рече Светиот Отец.

Вашето служење на стадото нека зрачи со понизност, умереност и достоинство. Ние немаме „кнежевска психологија“, луѓе претприемачи, свршеници на некоја Црква кои очекуваат друга, поубава, поважна и побогата. Бидете внимателни да не ве обземе духот на кариеризам. Ние не негуваме само зборови, туку посебно со сведоштва во животот. Навестувањето на верата бара согласност на животот и поучувањето. Не може да се раздели посланието и животот. Секој ден треба да се прашуваме: дали мојот живот е согласен со моите поуки? предупреди Папата Фрањо.

Говорејќи пак за престојувањето во стадото, Папата рече дека престојот има две точни обележја: да престојуваш во епархијата и да останеш во таа епархија, без да бараш промена или промоција. Сопственото стадо не може да се запознае, да се оди напред, во средина и назад, да се грижиш за негово поучување, делење на Светите Тајни и сведочење со животот, ако не се престојува во епархијата. Не е застарен прописот за престој во епархијата, важен е за добро управување, а има и свој теолошки корен – рече Светиот Отец.

Вие сте свршеници на својата заедница, со неа сте длабоко поврзани. Љубезно ве молам да бидете со својот народ. Избеднувајте ја соблазата „епископ на аеродром“. Бидете гостопримливи пастири, одете со својот народ, сочувствителни и милосрдни, нежни но и татковски одлучни, понизни и доверливи, способни да ги признаете своите недостатоци, но бидете и духовити. Престојувајте во своето стадо – заклучи Папата и ги замоли епископите на своите верници да ги пренесат неговите поздрави.

РВ/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.