2013-09-14 16:57:08

Папата Фрањо: Зошто ја гледаш сламката во окото на својот брат, а гредата во своето око не ја забележуваш?


Кој го озборува својот ближен, е лицемер, бидејќи нема храброст да ги види сопствените мани – предупреди папата Фрањо во проповедта на Светата Литургија во петок 13 септември во домот Света Марта. Папата нагласи дека озборувањето има криминална димензија, бидејќи секогаш кога зборуваме лошо за својот брат, го имитираме убиствениот гест на Каин.

„Зошто ја гледаш сламката во окото на својот брат, а гредата во своето око не ја забележуваш?“ Папата Фрањо ја разви својата проповед на тоа Исусово прашање, кое секогаш ја потресува човечката совест. После говорот за понизност – како што рече – Исус зборуваше за нејзината спротивност, „за одвратното однесување кон ближниот, за тоа како некој се поставува за судија на својот брат. И тука Исус „изговара тежок збор: лицемер“. Оние кои живеат осудувајќи го ближниот, говорејќи лошо за ближниот, се лицемери, бидејќи немаат сила, ниту храброст да ги видат сопствените мани. Исус за тоа не зборува опширно. Но ќе каже дека секој е убиец кој во своето срце го мрази својот брат.

Истотака и апостол Иван, во своето Прво послание, јасно вели: кој го мрази својот брат, убиец е, кој го осудува сопствениот брат, оди во темнина - истакна папата Фрањо. Секогаш кога „во своето срце го судиме својот брат, или уште полошо кога и пред другите озборуваме, ние сме христијани убијци. Христијанин убиец... Јас тоа не го реков, туку Господ. А во тоа нема дилема. Ако го озборуваш братот, го убиваш. А ние, секој пат кога тоа го правиме, го имитираме гестот на Каин, првиот убиец во историјата – рече Светиот Отец.

Осврнувајќи се пак на говорот за војната и на толку потребниот мир, Папата рече дека е потребен гест на преобраќање. Озоборувањето секогаш има криминално обележје. Нема безопасно озборување. Јазикот е за да го фали Господ – рече Папата цитирајќи го апостол Јаков – но кога својот јазик го користиме за озборување на својот брат или сестра, го користиме за да го убиеме Бог, „Божјата слика во братот“. Некој би можел да каже дека некоја личност заслужува оговарање, но тоа не е вистина – забележа Папата. Подобро е да се помолиш за него, да вршиш покора. А потоа, ако е потребно, разговарај со таа личност за да може грешката да ја исправи. Но немој за тоа да зборуваш на сите.

Павле бил голем грешник, а за себе самиот вели: Пред тоа бев богохулник, прогонител, насилник. Но ми е дадена голема благодат.“ Можеби никој од нас не пцуе - можеби. Но ако некој озборува, тогаш е прогонител и насилник. Да молиме благодат за себе, за целата Црква, за од братоубивачкото озборување да се обратиме на љубов, понизност, благост, кроткост, великодушност, љубов кон ближниот – поттикна Светиот Отец.
РВ/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.