2013-09-13 10:01:57

За да се живее Евангелието треба да се размислува за Исусовата мака и благоста на Марија


Ако христијаните сакат да живеат според Евангелието, треба за пример да ја земат Исусовата мака и благоста на Богородица – истакна Папата Фрањо во четврток 12 септември за време на проповедта на Светата Литургија во капелата во домот Света Марта.

Евангелието е со барање и од христијаните бара „големи работи“: способност да простат, великодушност, љубов кон непријателите... А има само еден начин во животот да се постигнат тие крепости, а тоа е размислување за Исус кој трпи и следејќи ја Марија. Кон Богородица, чиј имеден денес Црквата го слави, Папата Фрањо кон неа ги насочи своите први мисли.

Некогаш денешниот празник се нарекувал „ Слатко име на Марија“, називот со текот на времето се променил, а во молитвата благоста на името на Марија сепак останала – рече Светиот Отец. Денес ни е потребна благоста на Марија за да можеме да го сфатиме тоа што Исус од нас го сака, зар не? Бидејќи не е лесно во животот да ги применуваш заповедите: љубете ги непријателите, правете добро, позајмувајте без да очекувате да ви вратат... кој ќе те удри по едниот образ сврти му го и другиот, кој ќе ти ја земе кошулата дај му ја и долната облека... Тоа е незгодно, зар не? Сепак, сето тоа, на свој начин го живеела Марија: тоа е благодат на кроткост, благост – објасни Светиот Отец.

Осврнувајќи се на посланието на свети Павле до Колосјаните, Папата Фрањо рече дека христијаните се повикани да се обвиткат со чувство на нежност, добрина, понизност, кроткост, взаемно да се поднесуваат и да си простуваат. Овде спонтано се поставува проблем: како тоа да се постигне? Како да се подготвам за такво нешто? Што треба да направам? Одговорот е јасен: Со свои напори тоа не можеме да го постигнеме. Тоа единствено можеме да го постигнеме по благодатта, а таа благодат се стекнува гледајќи го Исус – објасни папата Фрањо. Треба постојано да го гледаме Исус. Ако нашиот ум и нашето срце се со Исус кој ја победи смрта, гревот и злото, тогаш можеме да го направиме тоа што Исус и свети Павле од нас го барат: благост, понизност, добрина, нежност, кроткост, великодушност. Ако не го гледаме, ако не сме со Него, тогаш ништо не можеме да направиме. Тоа е благодат, таа доаѓа од размислувањето за Исус – истакна Светиот Отец.

Зборувајќи пак за размислувањето за Исус, рече дека христијанинот посебно треба да размислува за маката Исусова, Исус кој трпи. Единствено со размислувањето за Исус, можеме по волјата Божја крепосно да живееме – рече Папата. Треба да размислуваме во тишина, а тоа е напор. Останатото Тој ќе го направи и ќе го надомести тоа што недостига. Но ти треба да го направиш тоа: својот живот со Христос да го сокриеш во Бог, а тоа се постигнува единствено со контемплација за Исус, неговата мака. Друг пат нема, тој е единствениот пат. За да бидеме добри христијани, треба да размислуваме за Исус кој трпи. Тоа треба да го правиме ако сакаме да сведочиме. Да можеме да простуваме, треба да гледаме на Исусовата мака; ако не сакаме да го мразиме и озборуваме својот ближен, треба пак да размислуваме за Исус кој трпи. Својот живот сокриј го со Христос во Бог, советува Светиот Отец. Нѐ советува да бидеме понизни, благи, добри, великодушни, нежни – заклучи Светиот Отец.

РВ/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.