2013-09-12 09:30:24

Папата Фрањо: Црквата е наша Мајка


На Генералната аудиенција одржана на 11 септември на плоштадот Свети Петар, папата Фрањо продолжи во Година на верата со катехезите за Црквата. Меѓу сликовитите прикази кои Вториот ватикански собор ги избра, за да ни ја олесни спознавањето за природата на Црквата – рече Папата – се наоѓа и сликата за „мајката“: Црквата е наша мајка во верата; во натприродниот живот (сп. Догматска конституција Светло на народите -Lumen gentium- 6.14.15.41.42). Тоа е една од многу употребуваните слики на црковните оци во првите столетија и мислам дека може да биде од корист и за нас. Според мое мислење, тоа е еден од најубавите прикази за Црквата – Мајка Црква! Истакна Светиот Отец и запраша – Во која смисла и на кој начин Црквата е Мајка?

Да појдеме од реалноста на човечкото мајчинство: Што ја карактеризира една мајка? Пред сѐ, мајката раѓа живот, девет месеци во својата утроа го носи детето и потоа го отвора за живот, раѓајќи го. Таква е Црквата: нѐ раѓа во верата преку Светиот Дух, која ја прави плодна, како Девица Марија. Црквата и Девица Марија, и двете се мајки – рече Светиот Отец и додаде – Секако дека верата е личен чин: „јас верувам“, лично одговарам на Бог кој дава да го спознаам и сака со мене да склопи пријателство. Меѓутоа верата ја примам од другите, во семејството, заедницата која ме учи да кажам „јас верувам“, „ние веруваме“. Христијанинот не е остров. Не стануваме христијани во лабораторија, не стануваме христијани сами со свои сили, туку верата е дар Божји кој ни е даруван во Црквата и преку Црквата – напомена папата Фрањо, истакнувајќи дека животот во вера Црквата го дава во Крштението.

Тоа е момент во кој ни се дава да се родиме како Божји деца; тоа е момент во кој ни се дарува Божјиот живот, нѐ раѓа како мајка – рече Папата и потоа истакна: тоа што сме дел од Црквата не е некој надворешен и формален факт, тоа не значи да се пополни формуларот кој ни го даваат, туку тоа е внатрешен и суштински чин, не се припаѓа на Црквата како што се припаѓа на некое друштво, партија или било која друга организација. Врската е суштинска, како онаа со сопствената мајка – напомена Светиот Отец - истакнувајќи ги зборовите на свети Августин: „Навистина Црквата е мајка на христијаните“. Да се запрашаме: Како ја гледам Црквата? Ако сум благодарен на своите родители поради тоа што ми дадоа живот, дали сум благодарен на Црквата затоа што преку Крштението ме роди во верата: Колку христијаните се сеќаваат на датумот на своето Крштение? – праша Папата и истото прашање го постави на верниците собрани на плоштадот, повикувајќи ги да си одговорат во своето срце. Но денот на Крштението е денот на нашето раѓање во Црквата, денот кога нѐ роди нашата мајка Црква! – истакна Светиот Отец и на сите присутни им даде задача: Кога ќе се вратите дома, пронајдете кога е денот на вашето Крштение и прославете го благодарете му на Господ за тој дар – рече Папата. Прашувајќи потоа дали ја сакаме Црквата како и сопствената мајка, знаејќи да ги разбереме и нејзините недостатоци, папата Фрањо напомена дека сите имаме недостатоци, но кога станува збор за недостатоците на сопствената мајка, ние ги сокриваме, како такви ги сакаме. И Црквата има свои недостатоци, дали ја сакаме како мајката, дали ја помагаме да биде поубава, веродостојна и уште повеќе по мерата Господова?

Ви ги оставам овие прашања, но не ја заборавајте задачата: побарајте го датумот на своето Крштение за да го носите во срцето и да го славите – истакна Светиот Отец. Мајката не се ограничува само на тоа да даде живот, да роди, туку со голема грижа помага на своите деца да растат; ги дои со млеко, ги храни, ги поучува за животот, секогаш им е близу со својата внимателност, чувства, својата љубов – па и тогаш кога веќе се возрасни – забележа Папата. При тоа знае да исправа, да простува, да има разбирање, да биде блиску во болеста и трпењето. Со еден збор: добрата мајка и помага на своите деца да излезат од себе, да не останат под крилјата на мајката, како што тоа го прават пилињата под крилјата на квачката.

Црквата како добра Мајка го прави истото – истакна Светиот Отец – го следи нашиот развој пренесувајќи ни го Божјото Слово, кое е светло што го осветлува патот на христијанскиот живот, посредувајќи ни Свети Тајни. Нѐ храни со Евхаристија, посредува за Божјо простување преку светата Тајна Исповед, нѐ охрабрува во болеста преку Елеоопомазание на болните. Црквата нѐ следи за време на целиот наш живот во вера, за време на целиот наш христијански живот. Сега да се запрашаме: Каков е мојот однос кон Црквата? Дали ја чувствувам како мајка која ми помага да растам како христијанин? Дали учествувам во животот на Црквата и дали се чувствувам нејзин дел? Дали мојот однос е формален или суштински? - истакна Папата.

Во првите векови една работа беше јасна: Црквата е Мајка на христијаните; која ги раѓа христијаните, таа се состои и изградува од нив. Црквата не е нешто различно од нас самите, туку треба да се гледа како целокупност на верници, како „ние“, сите христијани. Јас, ти, сите ние сме дел од Црквата. Свети Јероним пишува: „Христовата Црква не е ништо друго, туку души на оние кои веруваат во Христос“ (трактат Пс. 86: ПЛ 26,1084).

Мајчинството на Црквата, значи сите ние го живееме, пастирите и верниците – истакна Светиот Отец и забележи дека понекогаш слуша како некои велат: „Верувам во Бог но не и во Црквата... Слушнав дека Црквата вели... дека свештениците велат.... “ Меѓутоа една работа се свештениците, но Црквата не ја прават само свештениците, Црквата сме сите ние! И ако велиш дека веруваш во Бог, а не веруваш во Црквата, зборуваш дека не веруваш во себе, а тоа е противречност. Црквата сме сите ние: од неодамна крстеното дете до епископите и Папата; сите сме Црква во Божјите очи сите сме еднакви – истакна Папата.

Напомнувајќи потоа дека сите сме повикани на соработка во раѓање на верата кај новите христијани; сите сме повикани да бидеме воспитувачи во верата, да го навестуваме Евангелието, при што Папата поттикна секој да се запраша: „Што правам јас за да можат другите да добијат христијанска вера? Дали со своето верување сум плоден или затворен? Кога повторувам дека сакам Црквата која не е затворена во сопствените граници, туку е способна да излезе, да се движи – па и со ризик – за да го донесе на сите Христос – мислам: на мене, на тебе, на секој христијанин! Сите учествуваме во мајчинството на Црквата за да допре светлото Христово до најоддалечените граници на Земјата – истакна Светиот Отец.

РВ/го*ко








All the contents on this site are copyrighted ©.