2013-09-02 16:44:19

Папата на Литургијата во домот Света Марта: Каде е Бог не постои омраза, завист и љубомора


Каде е Бог не постои омраза, завист и љубомора, не постојат клеветите кои ги убиваат браќа. Ова го посочи Папата Фрањо во понеделник 2 септември во домот Света Марта на првата света Литургија, по завршувањето на летната пауза.

Во проповедта Папата се задржа на евангелието од светата Литургија, каде што се говори за средбата на Исус со жителите од Назарет (Лука 4, 16-30). Назарејците, рече Папата, „се восхитуваат на Исус, но очекуваат од Него нешто неверојатно, очекуваат чудо", за да Му поверуваат. Но Исус ги обвинува дека немаат вера и тие „се исполнија со гнев и станаа, Го истераа надвор од градот и Го одведоа на врвот од еден рид на која беше изграден нивниот град, за да го турнат надолу".

„Како се менуваат работите: во почетокот сѐ е убаво, сите Му се восхитуваат, но на крајот сите сакаат да го убијат Исус. Причина за тоа е зависта, љубомората. Но тоа не е нешто што се случило само пред две илјади години: тоа се случува секој ден во нашето срце, во нашите заедници".

Назарејците сакаат да го убијат Исус:

Истото се случува и во една заедница во која се зборува лошо за браќата, за нејзините членови. Апостол Иван во своето Прво послание (3,15) вели: „Секој, кој го мрази својот брат, е човекоубиец, а знаете дека во ниеден човекоубиец не пребива вечен живот." Ние сме навикнати на клеветите, сплетките. Колку пати нашите заедници, исто така и нашите семејства, заради нив се претвораат во вистински пекол, место каде што браќата и сестрите се убиваат со клевети".

Заедницата, семејството - продолжи Папата - се уништуваат поради завист, која ѓаволот ја сее во срцето и која поттикнува да се зборува лошо за другиот. „Во овие денови - истакна Папата Фрањо – се зборува многу за мирот", сведоци сме на бројни жртви на оружјето, но треба да се размислува и за нашите секојдневни оружја: јазикот, сплетките, клевета". Секоја заедница, заврши Светиот Отец, треба да живее со Господ и да биде „како да е во Небесата":

За да има мир во една заедница, во едно семејство во една држава во светот, треба да бидеме со Господ. Каде е Господ нема завист, нема криминал, нема омраза или љубомора. Каде е Господ, царуваат братски односи. Да побараме од Господ никогаш да не го убиваме ближниот со нашиот јазик и да бидеме со Господ како веќе да сме во Небесата“.

РВ/го*ко








All the contents on this site are copyrighted ©.