2013-08-29 19:27:45

Христијаните треба да имат немирно срце како и свети Августин


„Позната е изреката на свети Августин дека човечкото срце е немирно сѐ додека не најде мир во Бог, но се повеќе луѓе имаат срце кое заспало и воопшто не го бара Бог и љубовта“, рече Папата Фрањо на почетокот на Литургијата со монасите на свети Августин, која ја служеше во среда 28 август. Членовите на Редот ги повика срцата секогаш да и бидат немирни во потрагата по Бог, желбата за проповедање на Евангелието и покажување на љубов кон сите со кои се среќаваат. Во црквата се собра околу 90 членови на Редот, кој е основан во 1244, а за време на собранието е избран нов генерал и поставени се целите за следните шест години. Иако Литургијата беше „приватна“, стотина луѓе дојдоа пред црквата свети Августин, на денот на светителот, за накратко да го видат Папата. Папата Фрањо посебно се осврна на значењето на „немирот“ кај свети Августин, заклучувајќи дека секој христијанин треба да биде немирен на три подрачја: духовниот живот, потрагата по Бог и љубовта за другите. „Августин живеел како многу млади денес. Неговата мајка Моника го одгледала во христијанската вера, иако не бил крстен, но како што растел се повеќе се одалечувал од верата. Учел, се забавувал, водел бурен живот. Но, во срцето му останал тој немир за барање на длабоката смисла на животот. Неговото срце не заспало, не го исполнил успехот, стварите и моќта. Августин продолжил да го бара Бог и открил дека Го чека“, рече Папата. Светиот Отец ги повика христијаните да погледнат во своето срце и да се запрашат дали ги сака овие големи нешта или заспало, дали нашето срце го задржал тој немир или го загушиле други работи. „Секој христијанин мора неуморно да го бара Бог и како свети Августин никогаш да не се измори од ширењето на добрите вести за Божјата љубов и ветеното спасение на сите кои се изгубени,“ рече Папата па посебно се осврна на мајката на свети Августин света Моника. „Колку таа жена плачела за преобраќање на својот син и колку мајки денес плачат за децата да им се вратат на Христос. Не губете надеж во Божјата милост“, порача Папата.

РВ/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.