2013-08-27 10:51:05

По средбата со Папата отец Пепе даде интервју за Радио Ватикан


Светиот Отец минатата сабота го прими во аудиенција отец Хосе Марија ди Паоло, аргентински свештеник познат како „отец Пепе“, кој живее во една барака во предградие на Буенос Аирес. И покрај смртните закани од трговците со дрога, кои јавно го обвинија, тој не престанува да се застапува за маргинализираните од општеството. После аудиенцијата даде интервју за Радио Ватикан, а на прашањето за средбата со Папата рече дека бил многу возбуден. Папата не сум го видел откако отиде од Буенос Аирес. Ми беше чудно да го гледам како Папа и затоа бев многу возбуден. Папата се чувствува многу добро, ми изгледа полн со сила и подмладен. Затоа во Аргентина се враќам задоволен.Тој на своите плеќи носи голема одговорност за управувањето со Црквата, а почувствував дека ја има потребната сила за таа служба – изјави отец Пепе.

На прашањето дали Папата е носталгичен за Аргентина, рече Папата знае дека овде е неговата сегашност. Му донесов термос и аргентински напиток „мате“, а и заедно малку се напивме. Тој е задоволен кога се зборува за Буенос Аирес и Аргентина, но е свесен дека треба да биде тука, во служба на народот, па и на своите корени – рече отецот. На прашањето дали забележил промени кај Папата, рече дека не почувствувал никакви разлики во однос на тоа каков бил во Буенос Аирес, останал едноставен, а тоа се гледа и по тоа како ги прима луѓето; и во Буенос Аирес на луѓето им излегуваше во пресрет, а и сите ги испраќаше на заминување. Имаше едноставна работна маса, а денес тоа го има и во Ватикан. Тој и понатаму е едноставен, не се чувствува како кнез туку како служител на Црквата. Таа негова едноставност секогаш не храбреше, а тоа го почувствува и овој пат. Секогаш мислеше на другите, посебно на оние кои се во потреба со кои сака да биде многу близок. Можам да потврдам дека и понатаму останал ист, секогаш е полн со сила и желба да прави добро, дури ми изгледа помлад - истакна отец Пепе. На прашањето дали Аргентина се сеќава на архиепископот Бергољо, рече дека донел многу бројаници за Папата да ги благослови. Кога луѓето дознаа дека ќе се сретнам со него, тогаш навалија со писма, бројаници и книги. Му ја подарив и книгата „Група за рехабилитација на зависници во фавелите која ја напишав, а тој не заборави дека е основач на таа група и дека на Велики Четврток пред пет години ги миеше нозете на младите. Сега му предадов писма од тие млади, кои денес живеат нов живот, вработени се и имаат свои семејства. Затоа сакавме токму на него да му го поклониме првиот примерок од книгата. Сите со радост се потсетуваат - потврди отец Пепе. На новинарско прашање дали Папата ја следи нивната работа во предградието на Буенос Аирес, рече дека Папата сака да продолжи да се работи со младите, а јас сум убеден дека најдобар начин да му ја покажеме својата лојалност е ако го продолжиме неговото дело. Папата поттикнува и други свештеници да живеат во периферијата. Знам дека во многу краеви во светот има свештеници кои работат и живеат во сиромашни предградија. Кога Бергољо бил во Буенос Аирес од периферијата гледал град, а тој негов поглед бил голем допринес за Црквата во аргентинската метропола - заклучи отец Пепе.

РВ/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.