2013-08-26 11:20:59

Папата упати апел за мир во Сирија


Во неделниот говор пред молитвата Ангел Господов и апелот за мир во Сирија, Светиот Отец пред огромното мноштво собрано на плоштадот Свети Петар се осврна на неделното свето Евангелие во кое Исус, говорејќи за вечното спасение, повикува да се влезе низ тесната врата. Потрудете се да влезете низ тесната врата - одговара Исус на човекот кој го праша: „Господи, малку ли се оние што ќе се спасат?“ Денешното Евангелие нѐ повикува на размислување за спасението. Исус оди кон Ерусалим, а за време на патот некој му се приближи – се вели во денешното Евангелие и го праша: „Господи, малку ли се оние што ќе се спасат?“ Исус не одговара директно на прашањето – објасни Папата – бидејќи не е важно да се знае колку ќе се спасат, туку е важно да се знае патот до спасението. Исус одговара индиректно на прашањето: Потрудете се да влезете низ тесната врата, зашто ви велам: мнозина ќе сакаат да влезат но не ќе можат. (Лука 13,24). Што сака да каже Исус: Низ која врата мораме да влеземе? А зошто Исус говори за тесни врати – праша папата Фрањо и продолжи:

"Сликата често пати се повторува во Евангелието и потсетува на куќа, на семејна топлина, таму каде што има сигурност, љубов, топлина. Исус ни вели дека има една врата низ која влегуваме во Божјото семејство, во топлината на Божјиот дом, во заедништвото со него. Таа врата е самиот Исус (сп. Иван 10,9). Тој е спасение. Тој ни води до Отецот, Таа врата, односно Исус, никогаш не се затворени, секогаш се отворени, без разлики, без привилегии. Сите сме повикани да влеземе низ таа врата, низ врата на верата, да влеземе во неговиот живот и да направиме тој да влезе во нашиот живот, за да го преобрази, обнови, да му дарува потполна и трајна радост" – објасни Светиот Отец.

Осврнувајќи се на денешницата, Папата рече дека денес се наоѓаме пред бројни врати кои повикуваат да се влезе низ нив, ветувајќи моментална среќа, која нема иднина и во себе се исцрпува. А низ која врата сакаме да влеземе ние? На кој ќе му дозволиме да влеземе во нашиот живот? Сакам да истакнам: да не се плашиме да влеземе во Исус преку вратата на верата, да му дозволиме сѐ повеќе да влегува во нашиот живот, да излеземе од својот егоизам, своите затворања, својата рамнодушност кон другите – поттикна папата Фрањо.

Исусовата врата е тесна, но не затоа што е сала за мачење, туку бидејќи бара да му го отвориме своето срце, да признаме дека сме грешници, дека имаме потреба од спасение, простување, имаме потреба од неговата љубов, да бидеме понизни за да го примиме неговото милосрдие и да дозволиме Тој да ни обнови. Во Евангелието Исус ни вели дека за да се биде христијанин не значи да се има „налепница“, туку да се живее и да се сведочи верата со молитва, преку делата на љубов и промовирање на праведноста и правење добри дела. Низ таа тесна врата, која е Христос, треба да се поминува преку целиот наш живот – рече Папата, а потоа ги повика верниците на молитва до Богородица.

Од Девица Марија, небесната врата, молиме да ни помогне да поминеме низ вратата на верата, да дозволиме нејзиниот Син да го преобрази нашиот живот, како што го преобрази нејзиниот, на сите да можеме да им ја пренесема радоста на Евангелието – речеПапата, а потоа ја предводеше молитвата Ангел Господов.

По завршувањето на молитвата Папата повторно упати апел за мир во Сирија. Со големо трпење и загриженост ја следам ситуацијата во Сирија. Зголемувањето на насилствата и братоубиствената војна, зголемувањето на крвопролевањата и ужасните дела, кои можевме да ги видиме овие денови, ме поттикнува уште еднаш да го кренам гласот за да запре ѕвекот на оружјето. Средбата и дијалогот нудат надеж за решавање на проблемот, а не судирите – истакна Папата додавајќи:

"Од длабочината на своето срце, сакам со молитва и солидарност да ја покажам својата близина со сите жртви од овој судир., со сите кои страдаат, посебно децата и повикувам секогаш надежта на мирот да биде запалена. Се обраќам до меѓународната заедница да покаже чувство кон оваа трагична ситуација и со сите сили да се заземе за да помогне на саканиот сириски народ да најде решение за војната која сее уништување и смрт" – рече Светиот Отец.

РВ/го*ко








All the contents on this site are copyrighted ©.