2013-08-17 10:17:54

Апелот на Папата за мир во Египет прифатен со воодушевување


Во Египет кој е зафатен со насилство и страв од граѓанска војна, зборовите на Папата за време на говорот на молитвата Ангел Господов на празникот Успение на Пресвета Богородица, беа прифатени како зрак на надеж. Апелот за мир и дијалог со задоволство беше прифатен од христијаните и муслиманите во Египет, истакна отец Рафик Грајхе, портпарол на египетската епископска конференција во телефонскиот разговор за Радио Ватикан.

Народот, католици и православни, па дури и муслимани, откако заврши Папата со својот говор, насекаде се раширија неговите зборови; по сите дневни весници и интернет страни, како да очекуваа да прозбори Папата. Посебно католиците почувствуваа дека Папата им е близу, дека моли за нив и дека настојува да им даде надеж, која навистина им е потребна – изјави отец Рафик Грајхе.

На прашањето за моменталната состојба, рече дека во текот на ноќта следбениците на „Муслимански браќа“ протестираа, напади беа извршени не само врз црквите, туку и врз државните институции, а запалени се и неколку полициски станици. Четириесет цркви, десет католички и триесет православни и протестантски, ограбени се и запалени, а некои срамнети и со земја – рече отец Рафик Грајхе.

На прашањето за можното помирување, рече дека му е жал што мора да признае дека нема да биде лесно да се постигне помирување, бидејќи Муслиманските браќа, како и некои други муслимански партии не се трудат за да најдат полтичко решение. Народот сака мирољубив Египет, меѓутоа мала група шири насилство и ужас, дури и по селата на горен Египет – потенцира отец Рафик Грајхе.

РВ/го*ко








All the contents on this site are copyrighted ©.