2013-08-13 15:26:08

Италија – Аргентина: За среќа натпреварот е пријателски


Во среда фудбалските репрезентации на Италија и Аргентина ќе настапат во чест на папата Фрањо. Натпреварот помеѓу земјата од каде потекнува семејството Бергољо – Италија и неговата татковина Аргентина ќе настапат на Олимпискиот стадион во Рим. Во вторник, 13 август папата Фрањо ги прими на аудиенција и двете репрезентации, како и нивните раководства.

Во својот говор папата Фрањо нагласи за задачата која ја има спортот: Професионалните фудбалери обично се експонирани во јавноста, поради тоа треба да бидат пример за општеството, и тоа да се искористи да бидат амбасадори на мирот, рече Светиот Отец. Неговиот краток говор папата Фрањо го одржа еден дел на италијански јазик, а другиот на шпански.

Драги играчи, вие сте многу познати; луѓето ве следат внимателно – и тоа не само кога сте на фудбалскиот терен, туку и надвор од него. Вие носите општествена одговорност! Со тоа го мислам следното: во играта, кога сте на теренот, тогаш се покажува убавината, несебичноста и другарството. Доколку тоа недостасува, тогаш играта губи од својата сила, и тогаш кога екипата добива. Нема место за индивидуализам, сѐ се состои во соработка со екипата.

Овие три карактеристики, убавина, несебичност и другарство, може да се сретнат во спортот и кај „дилетантите“, аматерите. Нормално, кога играчите на репрезентацијата се сите професионалци, овие три основни елементи не смеат да недостасуваат. Кога еден играч, и како професионалец, ги зачува овие вредности, со тоа ја подржува екипата и ги зајакнува вредностите, нагласи Папата. Играчите треба секогаш да бидат свесни, дека тие најпрво се луѓе, и во спорот и во животот. Во овој поглед Папата упати апел до раководството на репрезентациите:

Спортот е важен, но само доколку е вистински! Фудбалот, како и многу други спортови стана голем бизнис. Застапувајте се да не изостане спортскиот карактер! Исто така со вас сакам да се застапувам за она што го опишав како „дилетантски“, аматерски спорт. Ова овозможува да нема место за дискриминација во спортот. Кога екипите го следат овој пат, тогаш стадионот се збогатува со човечност и исчезнува насилството.“

Папата, покрај тоа го нагласи својот посебен однос кон Италија, татковината на неговите претци, како и кон Аргентина, земјата во која израсна – и дека е среќа што ова е само пријателски натпревар, бидејќи не знае за кого да навива. Тој ќе моли за сите играчи и повика, исто така и тие да се молат и за него:

„Ве молам, ве молам да молите за мене – за да можам и јас на „теренот“ на кој ме повика Бог да одиграм чесна и храбра партија; за доброто на сите нас. Благодарам.“

На крајот од аудиенцијата папата Фрањо благослови маслиново дрво, како симбол за мирот меѓу народите, кое ќе стои на Олимискиот стадион во среда за време на пријателскиот фудбалски натпревар, а потоа ќе биде засадено во ватиканските градини.








All the contents on this site are copyrighted ©.