2013-08-12 10:10:05

Ангел Господов: Божјата љубов е вистинското богатство


Драги браќа и сестри, добар ден! Евангелието од оваа недела (Лк 12,32-48) ни зборува за желбата за конечна средба со Христос, желба која нѐ поттикнува да бидеме секогаш подготвени, будни со духот, да ја очекуваме таа средба со целото свое битие, со сè она што сме. Тоа е важен аспект на христијанскиот живот. Постои една желба која сите ние, било отворено или сокриено, ја имаме во своето срце, сите ја имаме таа желба во срцето. Важно е за тоа Исусово учење да размислуваме во конкретен егзистенцијален контекст во кој тој го пренесе. Во овој случај, евангелистот Лука ни го покажува Исус кој со своите ученици оди кон Ерусалим, кон својата Пасха на смртта и воскресението, и на тој пат ги поучува доверувајќи им го она што самиот го носи во срцето, длабоки ставови на својата душа. Меѓу тие ставови се и одделувањето од земните добра, довербата во провидноста на Отецот и – всушност – будноста на духот, делотворно очекување на Божјото царство. За Исус тоа очекување е враќање во домот на Отецот. За нас пак станува збор за очекување на самиот Христос кој ќе дојде да нè земе и да нè поведе во вечната слава, како што веќе направи со својата Мајка Пресвета Марија: ја поведе со себе во небо. Евангелието сака да ни каже дека христијанинот е оној кој носи во себе голема, длабока желба за средба со својот Господ заедно со браќата, своите сопатници. А сето тоа е изразено во онаа позната Исусова реченица: „Зашто, каде што е вашето богатство, таму ќе биде и срцето ваше“ (Лк 12,34). Срце кое сака... Сите ние имаме некоја желба! Бедни се оние луѓе кои немаат желба! Желба да се оди напред, кон целта, а за нас христијаните таа цел е средбата со Исус, средбата со Него, Кој е наш живот, наша радост, она што нè прави среќни. Сакам да ви поставам две прашања. Првото гласи: имате ли сите вие срце исполнето со желба, срце кое сака? Размислете и одговорете во тишина и во своето срце: ти, имаш ли срце кое сака, или твоето срце е затворено, заспано, нечувствително за живот? Желба: да се оди напред во пресрет на Исус. Второто прашање гласи: каде е твоето богатство, тоа што ти го сакаш? – Бидејќи Исус ни рече: „Каде што е вашето богатство, таму ќе биде и срцето ваше“ (Лк 12,34) – и јас го поставувам прашањето: каде е твојата желба? Што е за мене најважна, најскапоцена стварност, стварност која го привлекува моето срце како магнет? Што го привлекува твоето срце? Можам ли да кажам дека тоа е Божјата љубов? Постои ли во мене желба да правам добро на другите, да живеам за Господ и за нашите браќа? Можам ли тоа да го кажам? Секој нека одговори во своето срце. Меѓутоа некој може да ми каже: оче, јас работам, имам семејство, за мене најважно е да го издржувам семејството, да одам на работа... Вистина, тоа е важно. Меѓутоа која е таа сила што го држи семејството соединето? Тоа е всушност љубовта, а љубовта во нашето срце ја внесува Бог, Божјата љубов: всушност Божјата љубов дава смисла на малите секојдневни обврски и помага да се соочиме со големите искушенија. Тоа е вистинското човеково богатство. Да се чекори низ животот со љубов, со онаа љубов која Господ ја засади во срцето, со Божјата љубов. И тоа е вистинско богатство. Но што е Божјата љубов? Тоа не е нешто нејасно, некое општо чувство; Божјата љубов има едно име и едно лице: Тоа е Исус Христос, Исус. Божјата љубов ни се открива во Исус. Бидејќи ние не можеме да го сакаме воздухот... Го сакаме ли воздухот? Сакаме ли сè? Не, тоа не се може! Ги сакаме личностите, а личноста која ние ја сакаме е Исус, Очевиот дар меѓу нас. Тоа е љубов која дава вредност и убавина на сѐ друго; љубов која дава сила во семејството, на работата, во учењето, пријателството, уметноста, во секоја човечка дејност. И дава смисла исто така и на негативните искуства, бидејќи таа љубов ни овозможува да ги надминеме тие искуства и да тргнеме понатаму, да не останеме заробени со злото, туку ни овозможува да одиме понатаму, ни отвора секогаш надеж. Божјата љубов секогаш не отвора за надеж, онаа надеж која е конечна цел на нашето патување. Така и напорите и падовите наоѓаат некоја смисла. И нашите гревови наоѓаат некоја смисла во Божјата љубов, бидејќи таа Божја љубов во Исус Христос секогаш ни опростува, не сака толку што секогаш ни опростува. Драги пријатели, денеска во Црквата си спомнуваме за света Клара од Асизи, која по примерот на Фрањо остави сè за да се посвети на Христос во сиромаштвото. Света Клара ни дава едно навистина убаво сведоштво за оваа денешно евангелие: нека ни помогне, заедно со Дева Марија, да го живееме и денес, секој според сопствениот повик.

После Ангел Господов

Драги браќа и сестри, да се потсетиме дека идниот четврток го славиме празникот Успение на Пресвета Богородица. Да мислиме на нашата Мајка, која дојде во небо со Исус и тој ден ја почитуваме. Упатувам поздрав до муслиманите низ цел свет, нашите браќа, кои само што го прославија завршетокот на месец Рамазан, посветен на посебен начин на постот, молитвата и милосрдието. Како што и напишав во својата порака за таа пригода, христијаните и муслиманите да се заземат за промовирање на взаемното почитување, посебно во воспитувањето на новите генерации. Од сè срце ги поздравувам сите Римјани и присутни поклоници. Радост ми е денес да ги поздравам некои групи на млади: пред сè оние кои дојдоа од Чикаго на поклононие во Лурд и Рим; потоа младите од Локатеа, Предореа Тавернола Бергамска, како и извидниците од Виторија. Ви ги повторувам и на вас зборовите кои беа тема на големата средба во Рио: „Одете и направете ги сите народи мои ученици“. На сите ви посакувам пријатна недела! Довидување!









All the contents on this site are copyrighted ©.