2013-08-07 11:16:19

Папата по повод Светскиот Ден на мисиите: Да излеземе од гетото и насекаде да го носиме Евангелието


Сите крстени се повикани да го храбро навестуваат Евангелието во секоја ситуација. Ова го пишува папата Фрањо во својата порака по повод Светскиот Ден на мисиите, кој се слави на 20 октомври. Во документото објавен на 6 август, а кој датира од 19 мај, на празникот Цветници, Папата потенцира дека „евангелизацијата никогаш не е еден изолиран чин“, туку „секогаш црковен“ и потврдува дека една заедница е навистина зрела само ако излезе од сопственото гето за да ја носи надежта во Исус, истотака, и во перифериите.

„Верата претставува скапоцен дар од Бог“, „дар што не може да се чува само за себе туку треба да биде поделен“. „Секоја заедница е зрела само тогаш кога ја исповеда верата, ја слави радосно во литургијата, ја живее братската љубовта и го навестува без одмор Словото Божјо, излегувајќи од сопственото гето за да го навестува и во перифериите“, истакнува Светиот Отец. Папата потенцира и дека двата поводи, Годината на Верата и 50 годишнината од отворањето на Вториот ватикански собор треба да ја поттикнат Црквата на обновување на свеста за нејзиното присуство во светот денес, и за нејзината мисија меѓу народите и државите. „Мисионерството не е само прашање на географски територии, границите на верата не поминуваат само низ места и човечки традиции, туку низ срцето на секој маж и секоја жена“, рече Папата.

Секоја заедница, може да се прочита понатаму во пораката, значи „е повикана да го навестува Исус до крајот на светот, бидејќи навестувањето е важна карактерисктика на христијанскиот живот. Сите сме пратени на улиците за да се чекориме заедно со браќата, исповедувајќи и сведочејќи ја нашата вера во Исус“. Папата Фрањо ги повикува исто така и епископите да го дадат својот придонес во „мисионерската димензија на пасторалните и воспитните програми“, истакнувајќи дека „мисионерството не е само една програмска димензија во човечкиот живот, туку, истотака, и парадигматска димензија што ги опфаќа сите аспекти на човечкиот живот“. Потоа, Светиот Отец предупредува дека мисионерското дело, често наидува на проблеми не само однадвор туку и одвнатре во самата црковна заедница и додава дека „понекогаш се мисли дека да се навестува Евангелието на некого значи да му се скратува слободата, а не нудење на евангелската вистина, која претставува дар на таа слобода“.

Често, потенцира папата Фрањо, „се истакнуваат насилството, измамата, погрешното, па, значи, итно треба повторно, денес, да огрее добриот живот на Евангелието заедно со навестувањето и сведочењето, и тоа внатре во самата Црква“. „Важно е да не се заборави на еден фундаментален принцип кој важи за секој евангелизатор, а тоа е: неможе да се навестува Христос без Црквата. Да се евангелизира не е никогаш еден изолиран, личен, индивидуален чин, туку секогаш црковен“. „Мисионерството во Црквата не е прозелитизам, туку животно сведоштво кое го осветлува патот што донесува надеж и љубов“. Светиот Дух ја води Црквата на ова патување“, вели Светиот Отец.

Во завршниот дел од пораката, Папата потсетува на многумината кои се носители на Радосната Вест: мисионерите, свештениците и обичните лаици кои ја напуштаат сопствената татковина за да го навестуваат Евангелието во различни земји и култури. „Дарување на мисионери и мисионерки не претставува никогаш загуба туку добивка“, истакнува Светиот Отец и ги охрабрува епископите и монашките заедници да им помогнат на Црквите во потреба. „Црквите кои се побогати со звања треба да ги помагаат оние што имаат недостаток“, поттикнува Папата и додава дека „Младите Цркви“ можат, од друга страна, да донесат еден нов полет во Црквите со древна традиција. Исто така Папата се обраќа и на прогонетите христијани, истакнувајќи дека денес има повеќе маченици, отколку во првите векови. На крајот Светиот Отец охрабрува користејќи ги зборовите на Исус: „Храбро, јас го победив светот“.








All the contents on this site are copyrighted ©.