2013-08-01 15:29:54

Од Нова Маала младите упатија декларација: Не смееме да бидеме рамнодушни


Светскиот Ден на Млади во Нова Маала, молитвено дружење на младите во заедништво со младите во Рио заврши во недела 28 јули со света архиерејска Литургија која ја предводеше Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов во присуство на свештеници од Апостолскиот Егзархат во Македонија. Парохиската Црква во Нова Маала беше премала да ги прими сите млади верници, а покрај нив голем беше и бројот на верници од парохијата во Нова Маала. Во својата проповед епископот Стојанов им порача на младите никогаш да не ја изгубат надежта, дека среќата не е во уживањето во материјалните работи од овој свет. На крајот од светата архиерејска Литургија младите од Македонија упатија декларација до Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов.

Меѓу другото во оваа декларација на младите се вели: Светот и денес прашува, како тогаш Пилат: Што е вистина? (сп. Иван 18,38). Зашто не ја познава! Вистината се познава единствено ако го ослушкуваме Словото негово, тогаш ќе можеме и да одиме по патот на вистината, кој ќе не доведе до живот вечен (сп. Иван, 14,6). Ние знаме што е вистина и одважно можеме да кажеме дека Христос е Патот, Вистината и Животот. А оној кој пребива во вистината има привилигирано право да зборува за вредноста на животот, од зачнувањето до природната смрт. Имаме должност да говориме за достоинството на бракот и семејството како Божјо дело за човечкото опстојување. Не смееме да бидеме рамнодушни и да не бидеме како фатениот од Евангелието, бидејќи токму денес Христос преку апостолот Павле силно повикува: „Стани, ти кој спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!” (Ефесјаните 5,14)

Кон крајот од декларацијата младите истакнуваат: Ваше Високопреосвештенство, во овој момент на славје, сакаме да го побараме Вашиот благослов и подршка, како и од вашите најблиски соработници, нашите свештеници, за да можеме по завршувањето на овој празник на верата, да започнеме послание, на кое нѐ повикува нашиот Господ, Исус Христос: „Одете и направете ги мои ученици сите народи“.








All the contents on this site are copyrighted ©.