2013-08-01 14:03:21

Нова Маала се претвори во мал Рио де Жанеиро


Овие денови парохијата Успение на Пресвета Богородица – Нова Маала беше во центарот на црковните случувања во Македонија. Во сабота и недела 27 и 28 јули беше местото каде се одржа Светскиот Ден на Млади во Македонија, со што младите од Македонија молитвено беа во единство со Црквата во светот, со Папата и со младите во Рио. Маса млади луѓе од сите парохии во Макеоднија, облечени во жолта - бела боја, го преплавија црковниот двор. Нова Маала се претвори во мал Рио де Жанеиро. Присуството на овој настан на Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, бискуп Скопски и Апостолски егзарх во Македонија, на младите им даде уште поголема подршка и храброст за сведочење на Христовото Евангелие.

Учесниците со песна свечено го пречекаа Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, а потоа заеднички пред Богородица молеа Молебен до Пресвета Богородица. По интонирањето на македонската химна беа претставени ликови од историјата на Католичката Црква во Македонија: Христофор Димитар Назов, Блажена Мајка Тереза и отец Јосиф и сестра Еврозија Алоати. По кратката пауза, на креативен начин преку игра, песна и презентации се претставија парохиите од Апостолскиот егзархат во Македонија и Скопската бискупија. Сето ова беше пропратено со песни изведени од страна на групата Еклезија и членовите на Неокатекуменскиот пат во Македонија.

Кулминација на оваа средба беше Обожавањето на Пресветата Причест, кое го предводеше Н.П. д-р Киро Стојанов. За време на обожавањето младите од парохиите преку нивните молитви се молеа до Господ Бог за: Црквата, Папата, владиката, парохиите, брачните парови, старите, болните, децата и младите. По благословот со Светата Причест од страна на епископот Стојанов и неговите зборови на охрабрување, младите со молитва се упатија во дворот на Црквата, каде на симболичен начин беа запалени личните прозби на младите, кои претходно беа принесени на олтарот.








All the contents on this site are copyrighted ©.