2013-07-02 13:03:42

Да бегаме од гревот без носталгии, мораме да бидеме силни во слабостите


Христијанинот е повикан да биде храбар во својата слабост, истакна папата Фрањо за време на светата Литургија во капелата на домот Света Марта во вторник, 2 јули. Папата рече дека понекогаш мораме да ги признаеме нашите слабости и од нив да побегнеме без носталгии за гревот, не свртувајќи се назад. На светата Литургија сослужуваа кардинал Мануел Монтеиро де Кастро и монсињор Бенџамино Стела, а присуствуваа и свештеници и соработници од Апостолската пенитенцијарија, како и соработници на Папската црковна академија.

Четири става: спорост, гледање наназад, плашливост, обраќање кон Господ и благодат на Светиот Дух... Во својата проповед папата започна од литургиските читања наменети за денот и се задржа на четирите можни става кој го опфаќаат човекот кога се наоѓа во конфликтни и тешки ситуации. Првиот став е спорост (1 Мојсеева 19,15-29). Лот одлучи да го напушти градот Содом пред да биде уништен, но тоа го прави споро. Ангелот му говори дека мора да побегне, но во Лот постои „неспособност да се одвои од злото и гревот“. Папата додава: сакаме да излеземе, одлучни сме, но постои нешто во нас што нè влече наназад, така и Лот дури и преговара со ангелот, кој дојде да го предупреди.

Тешко е да се прекине грешната ситуација. Тешко е! И покрај искушението, тешко е! Но гласот Божји ни говори: „Бегај! Ти со тоа не можеш да се бориш, бидејќи сулфурот и огнот ќе те убијат. Бегај!“. Света Тереза од детето Исус нè учи дека понекогаш, во некои искушенија, единственото решение е бегството, да не се срамиме од бегството. Понекогаш едноставно треба да ја признаеме својата слабост и да побегнеме. Една едноставна мудрост помалку иронично вели: „Војник кој бега, ќе служи во некоја друга војна“. Побегни за да се зачекори напред по патото на Исус.

Ангелот му вели: „Не свртувај се назад“, бегај гледајќи напред. Нè советува како да ја победиме носталгијата за гревот. Размислуваме за Божјиот народ во пустината: „имаа сè, ветување, сè, а сепак – ги влечеше носталгијата кон Египет, и поради таа носталгија заборавија што јадеа како робови“. Постоеше носталгија за враќање. Папата истакна дека ангелот советува мудро: „Не свртувај се назад“ Оди напред!“. Жената на Лот не смее да биде пример, потребно е да се пресече секоја носталгија, бидејќи „постои и искушение на љубопитност.“

Од гревот треба да се избега без носталгија. Љубопитноста не ни користи, ни прави зло! Некои ќе прашаат: „Дали е тоа возможно во овој грешен свет?“ Или: „Каков е овој грев: Сакам да знам...“ Не, остави го тоа! Љубопитноста ќе те повреди! Треба да се побегне и да не се свртуваме. Сите сме слаби, сите, и мораме да знаеме да се одбраниме.

Третата ситуација е на коработ: страв (Матеј 8,23-27). Кога има бура во морето, брановите удираат во коработ. „Господи, спаси нѐ: загинуваме!” извикуваат учениците. Страв! И тоа е демонско искушение: да се плашиме да останеме на Господовиот пат“. Третото искушение ни говори дека е „подобро да останеме овде, каде што сум сигурен. Но тоа е египетското ропство! Тогаш се плашам да продолжам да одам понатаму, се плашам каде ќе ме одведи Господ“. Затоа нагласи папата Фрањо: „стравот не е добар советник“. Повеќе пати Исус им говори на свопите ученици. „не плашете се! Стравот не ни помага.

И на крај четвртиот став: „благодат на Светиот Дух“. Кога Исус им заповеда на ветровите и морето, учениците се зачудени, воодушевени. „Во искушението на гревот, носталгијата, стравот – мораме да се обратиме до Господ.

Потребно е „да гледаме во Господ, бидејќи молејќи го Господ, тој ни ја дарува таа прекрасна воодушевеност во новата средба со Господ: „Господи, јас сум со ова искушение; сакам да останам во оваа состојба на гревот; Господи јас сум љубопитен, сакам да пробам некои работи; Господи, јас се плашам“. Учениците го гледаа Господ: „Господи, спаси нѐ: загинуваме!” И се случи воодушевеност преку новата средба со Исус.

Не сме наивни, ниту пак сме млаки христијани, да бидеме вредни и храбри. Точно, ние сме слаби, но во своите слабости мораме да бидеме храбри. А таа храброст понекогаш треба да најде израз и во бегство, при што нема да гледаме назад, за да не ни понесе лошата носталгија. Не плашете се и секогаш гледајте во Господ!“ – заврши Папата.








All the contents on this site are copyrighted ©.