2013-06-24 15:29:56

Папата служеше света Литургија со апостолските нунции


Во неделата, 23 јуни, предпладне, во домот Света Марта, папата Фрањо служеше светата Литургија на која беа присутни околу 40 апостолски нунции кои останаа во Ватикан по средбата со Светиот Отец, одржана во петокот. Толкувајќи го неделното Евангелие по Лука кое зборува за Христовото прашање кон апостолите: „А вие, што вие ќе кажете, кој сум јас?“. Светиот Отец истакна дека на Исус треба да му се одговори со срце, вдахновено од почитувањето кон Него и цврстата карпа на Неговата Љубов.

„Што ќе кажете кој сум јас?“. Тоа е прашање на кое Петар одговара: „Ти си Христос, Помазаник Божји“, прашање кое и по две илјади години не преокупира и не става во криза за да го докажеме својот пат на верата. Прашањето е упатено директно во срце, а треба да се одговори со понизност на грешник, без разлика на претходно подготвените или пригодни реченици; прашање кое во себе содржи уште едно, исто така одлучувачко прашање: „Што ние мислиме, кои сме ние за Исус?“ – истакна папата Фрањо во проповедта.

И ние, кои сме апостоли и слуги Господови, треба да одговориме, затоа што Господ нѐ прашува: „Што ти мислиш за мене?“. Тој тоа го прави повеќе пати! А ние не можеме да се правиме дека не разбираме – рече Папата додавајќи – Со Исус не можеме да разговараме како со некоја историска личност, некоја личност од историјата. Исус е жив, пред нас. Тоа прашање ни го поставува жива личност. А ние треба да одговориме, но од срце – напомена Светиот Отец.

И денес Исус нè повикува да донесеме темелна одлука, како онаа која ја донеле апостолите, според логиката „сè или ништо“; одлуката за патот за кој за да го поминеме, мораме да бидеме просветлени со „посебна милост“, односно секогаш треба да живееме на цврстиот темел на почитувањето на Исус и љубовта кон Него. Почитувањето и љубовта кон Неговото свето Име. Сигурноста дека Тој не поставил на каменот на Својата љубов – повтори Папата. И од таа љубав го даваме одговорот. А кога Исус поставува такви прашања – „Кој сум јас за тебе?“ – треба да се мисли на тоа: Неговата љубов ме поставила врз камен под Негово водство.

„Кој сум јас за вас?“ нè прашува Исус. Понекогаш се срамиме да дадеме одговор на тоа прашање – истакна папата Фрањо – затоа што знаеме дека во нас нешто не е во ред, грешни сме. Но, токму тоа е моментот кога треба да и се довериме на Неговата љубов и да одговориме со чувство за вистина, како што Петар тоа го направи на Тиберијанското езеро. „Господе, ти сè знаеш“. Токму во моментот кога се чувствуваме како грешници, Господ на посебен начин нè сака. И како што рибарот Петар го постави на чело на Својата Црква, така и со нас ќе направи нешто добро – забележа Светиот Отец.

Тој е поголем! – потоа истакна папата Фрањо – И кога од почитување и љубов, сигурни врз каменот на љубовта и под Негово водство, велиме: „Ти си помазаник!“, тоа за нас ќе биде многу добро, ќе ни овозможи да одиме напред сигурни и да го земеме секојдневниот Крст кој понекогаш е тежок. Така да одиме напред, радосно, барајќи милост: подари му, Оче, на својот народ секогаш да живее во почитување и љубов кон Твоето свето Име! И во сигурноста на оние кои си ги поставил на каменот на Својата љубов, никогаш да не им го скратуваш своето водство! – рече на крајот Светиот Отец.








All the contents on this site are copyrighted ©.