2013-06-10 11:03:44

Папата Фрањо: Божјото милосрдие го ослободува човекот од смртта


Пред молитвата Ангел Господов во недела 9 јуни, папата Фрањо говореше за празникот Пресвето Срце Исусово, односно за Божјото милосрдие. Говорот на Светиот Отец го пренесуваме во целост.


Драги браќа и сестри, добар ден!

Месец јуни традиционално е посветен на Пресвето Срце Исусово, најголемиот израз на Божјата љубов. Токму минатиот петок го славевме празникот на Срцето Христово, и тој празник дава интонација на целиот месец. Во народната побожност симболите имаат голема вредност и Срцето Исусово без споредба е симбол на Божјото милосрдие, но тоа не е некој имагинарен симбол, туку вистински симбол кој претставува центар, извор од кој потекнува спасението за целиот човечки род.

Евангелијата на повеќе места се повикуваат на Срцето Исусово, на пример кога Исус вели: Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши (Матеј 11,28-29)


Во таа смисла од голема важност е известувањето за Христовата смрт според Иван. Овој евангелист имено сведочи она што го видел на Голгота, односно дека еден од војниците, кога веќе Исус беше мртов, го прободе со меч и дека од неговите рани потекоа крв и вода (сп. Иван 19,33-34). Иван во тоа препознава, на прв поглед спореден, знак на исполнување на пророштвата: срцето на Исус, Агнецот жртвуван на крстот е извор на простување и живот за сите луѓе.

Но Исусовото милосрдие не е само некое чувство, туку сила која дава живот, која го воскреснува човекот! За тоа ни говори денешното Евангелие преку настанот за вдовицата од Наин (Лука 7,11-17). Исус со своите ученици доаѓа во Наин, град во Галилеја, токму во оној момент кога кога изнесуваат мртовец: Тоа било погреб на едно момче, син единец на една вдовица. Исусовиот поглед веднаш се упатува на расплаканата мајка. Евангелистот Лука вели: штом ја виде Господ, се сожали на неа (Лука 7,13). Тоа сожалување е Божјата љубов кон човекот, тоа е милосрдие, односно став кој Бог го зазема кога се сретнува со човечката беда, со нашето сиромаштво, трпение, тешкотии. Библискиот израз „сожалување“ не упатува на утробата на мајката: мајката, имено, реагира на болката на своите деца. Така и Бог не љуби, вели Светото Писмо.

А кој е плодот на таа љубов, на тоа милосрдие? Тоа е животот! Исус и вели на вдовицата од Наин: „Не плачи!“, а потоа повикува на мртвото момче и го буди како да е во некој сон (сп. Лука 7, 13-15). Да си го замислиме само тоа, убаво е тоа: Божјото милосрдие му дава живот на човекот, го ослободува од смртта. Господ секогаш не гледа милосрдно: да не го заборавиме тоа, секогаш не гледа милосрдно, не чека со милосрдие. Да не се плашиме да му се приближиме! Тој има милосрдно срце! Ако му ги покажеме нашите внатрешни работи, нашите гревови, тој секогаш ни простува. Тој е чисто милосрдие! Да појдеме кон Исус!

Да се обратиме кон Девица Марија: нејзиното безгрешно срце, мајчинско срце, која во најголема мера го делеше Божјото „сочувство“, посебно во часот на Исусовоата смрт и мака. Нека ни помогне Богородица да бидеме кротки, понизни и милосрдни со нашите браќа.








All the contents on this site are copyrighted ©.