2013-05-20 09:40:48

Папата до црковните движења: Црквата не треба да се затвора во себе


„Денес човекот ја преживува криза, затоа што таа е многу длабока“, затоа „не треба да се затвориме во парохијата, во црковното движење или со мислите во нас самите ...“. „Црквата треба да излезе од себе и да се начоси кон периферијата на животот“. Со храброста на верата, христијаните треба да ја градат „културата на дијалог и им помагаат на ближните, чија судбина е поважна од онаа на банките“. Ова го кажа папата Фрањо на молитвеното бдеење за празникот Педесетница, што се одржа во саботата навечер, 18 мај на плоштадот Свети Петар со учество на околу 250 илјади приврзаници на црковните движења од пет континенти.

Бдеењето започна во 18.00 часот, а пред тоа Папата го обиколи со папамобилот, преполниот плоштад со млади полни со ентузијазам и продолжи по големата Улица на Помирувањето (Via della Conciliazione), благословувајќи мали деца меѓу мноштвото знамиња и плакати. На извикот „Фран-ческо!“ Папата Бергољо апострофираше: „Од сега па натаму треба да скандирате Исус!“.

По читањето на двете литургиски читања за денот, следуваа лични сведоштва на учесниците. Меѓу нив на ирскиот писател и композитор, Џон Вотерс и братот на Шабаз Бхати поранешен министер за малцинства во пакистанската влада Пол Бхати, којшто ја исповеда христијанската вера. Бхати му заблагодари на папата Фрањо поради тоа што ја „дели болката и надежите на христијаните во Пакистан“ и потсети на мисијата на својот брат Шабаз, убиен од екстремистите на 2 март 2011 година, и на неговите напори за помош на сиромашните, емигрантите и отфрлените. Но исто така и на неговите соништа за „слободен Пакистан, отворен кон малцинствата“ и дијалогот со муслиманите на кои „треба да им се сведочи љубовта Божја“.

Четворица претставници на миротворните групи упатија кон Папата прашања на кои Папата одговори во слободен говор, извинувајќи се дека бил „малку подолг“ во одговорите. Дијалогот траеше околу 40 минути.
На првото прашање „како тој ја постигнал сигурноста во верата?“ Папата одговори, потсетувајќи на добиената веронаука од неговата баба и првата „христијанска порака“. „Сите мајки и баби ја пренесуваат верата. Бог нѐ става меѓу луѓе, што ни помагаат во верата“, рече папата Фрањо. „Ние велиме дека треба да Го бараме Бог и да одиме кај Него за да побараме прошка .... но не одиме. Тој не очекува и доаѓа прв! ... Од тоа се раѓа вчудоневиденоста за дарот на верата. .. Вие зборувате за слабоста во верата и за тоа како може да биде поразена. Најголемиот непријател на слабоста е стравот. Не плашете се! Ние сме слаби, но знаеме дека Тој е посилниот!“.

„Како можеме поефикасно да ја пренесеме верата?“ Тоа беше второто прашање: „Ќе наведам само три работи - рече папата Фрањо: Исус, кој е најглавното нешто. Ако одиме напред преку организација и други нешта, дури и убави, но без Исус, работите не одат. Втората работа е молитвата. Да го гледаме Божјиот лик, но пред сè да се чувствуваме водени. Третата е сведоштвото на верата“.

На третото прашање „како можеме да живееме во една бедна Црква за сиромашните и каков може да биде нашиот придонес во пресрет на тешката криза?“ Папата одговори дека „основниот принцип е да се живее евангелски“. „Црквата не е политичко движење, ниту добро организирана структура, туку како што вели Исус, таа е солта на земјата и светлина за светот; повикана е во општеството да сведочи за Царството Божјо, пред сè, преку сведоштвото на братската љубов, солидарноста и споделувањето“.

„Денес кризата не е само економска, туку културолошка. Човекот е во криза! - истакна папата Фрањо. И оној кој може да биде уништен е човекот! Но човекот е Божја слика и прилика! Затоа и кризата е длабока. Затоа, не треба да се затвориме во парохијата, со пријателите од движењето и со мислите сами во себе... Кога Црквата се затвора во себе, се разболува .... Црквата треба да излезе од себе и да се насочи кон периферијата на животот“.

Папата потсети дека доминантна култура денес е културата на „судирот и исфрлањето“, која ги одбегнува возрасните со нивното искуство и мудрост и децата сметајќи ги за непотребни. Христијаните треба да се спротивстават на оваа култура, преку „културата на среќавање и на пријателство во која сите се браќа“, рече Папата. „Денес смртта на еден бездомник не е вест. Денес вистинската вест е скандалот. Денес мислата дека многу деца се гладни не е вест. Тоа е многу тешко! Не можеме да останеме рамнодушни! Не треба да сме срамежливи христијани или високообразовани луѓе кои зборуваат богословски и мирно пијат чај. Не можеме! Треба да станеме храбри христијани и ги побараме оние што се дел од Христовото тело“.

„Денес прашање е да го допреме Христовото тело и да ја земеме врз нас болката на сиромашните - продолжи Папата. За нас христијаните, сиромаштијата не е социолошка, филозофска или културна категорија, туку теолошка категорија. Би рекол првата категорија, бидејќи Бог, Божјиот Син, ја намали својата големина и стана сиромашен, за да оди заедно со нас. Тоа е нашата сиромаштија: сиромаштијата на Христовата крв ... Ако одиме кон Христовото тело, ќе почнеме да разбираме што значи сиромаштија, сиромаштијата на Господ“.

На последното прашање „како може да се помогне на прогонетите христијани и да се промени нивниот политички и социјален контекст“, Папата одговори дека „за ширење на Евангелието се потребни храброст и трпение“. Потсети дека „денес маченици за верата има многу повеќе отколку во првите векови на Црквата“. Тоа се наши браќа и сестри кои страдаат издигнувајќи ја верата до мачеништво. „Но мачеништвото никогаш не е пораз, туку повисок степен на сведоштво што и ние треба да го дадеме“. Папата прецизира дека многу често „конфликтите во кои христијаните стануваат жртви немаат верска основа, туку се предизвикани од социјални или политички мотиви, кои се поврзуваат со верските заедници“. Но „христијанинот секогаш треба да одговора со добро, а не со зло“. На крајот Папата повика на молитви за прогонетите христијани во светот.







All the contents on this site are copyrighted ©.