2013-05-09 15:36:18

Европските епископи за Денот на Европа


Црквата во Европа е блиску до луѓето, кои се потресени од економската криза и се чувствуваат сами, во потрага по работа и поради духовната криза не гледаат перспектива за иднината, стои во пораката на претседателството на Советот на европските епископски конференции (CCEE) по повод Денот на Европа, кој се прославува на 9 мај. Од името на 33 европски католички епископски конференции тие ги повикуваат граѓани на Европа да не губат надеж во Годината на верата, и притоа потсетуваат на апостолското охрабрување на Иван Павле II за Црквата во Европа: „Исус Христос е извор на надеж за Европа“, објавено пред десет години. Заедно со тоа епископите повикуваат „милосрдието да не отстапи пред егоизмот и да се открие важноста на семејството, вредноста на дарувањето и вниманието кон ближните“. Освен тоа, европските епископи ги повикуваат христијаните на континентот кон „размислување за градењето на европското општество отворено кон Апсолутното и носењето на печатот на вистината, правдата, солидарноста и слободата - основни столбови на мирот, кои ги утврди и папата Иван ХХІІІ пред педесет години во енцикликата „Мир на земјата“.
Во посебна порака новиот генерален секретар на Комисијата на епископски конференции од Европската заедница (Сomece), отец Патрик Дејли, избран на 23 ноември минатата година, потсетува дека: „Мирот и солидарноста, клучните цели во декларацијата на Шуман од 9 мај 1950 година, денес се попривлечни, бидејќи економската криза сериозно се одразува на европските општества и предизвикува длабоко страдање“, пишува генералниот секретар на западноевропските епископи. Истовремено отец Дејли се свртува и кон „оние политичари и граѓани кои сметаат дека конфликтот и поделбата ќе ја решат кризата“, и предупредува: „Оваа логика ќе нѐ врати 70 години назад во еден континент длабоко поделен од омразата и меѓусебното сомневање. Ние не сакаме да се вратиме во тоа време, туку да продолжиме напред, инспирирани од визијата за промена замислена од Роберт Шуман“.








All the contents on this site are copyrighted ©.