2013-04-11 13:38:04

Половина век од енцикликата „Мир на земјата“ на папата Иван ХХІІІ


Во суштина, мирот е еден резултат, крај на еден пат. И кога се говори за мир, Папата зборува за вистинскиот мир – „во вистина, правда, љубов и слобода", а не за еден минлив, пропаганден и едностран мир, кој предизвикува контроверзи". Ова го напиша директорот на ватиканскиот дневен весник „Осерваторе Романо" Рајмондо Манцини при објавувањето на енцикликата на папата Иван ХХІІІ „Мир на земјата“ (Pacem in Terris) со која „Добриот Папа" ги повикува сите луѓе со добра волја, не само христијаните, да учествуваат во мировниот процес во светот.

Енцикликата „Мир на земјата“ (Пacem in Тerris) е објавена на 11 април 1963 година во контекст на кубанската криза, кога светот преплашен ги следеше драматичните настани меѓу САД и СССР, вознемирени од опасноста за Трета светска војна, но овој пат нуклеарна ... Во овој деликатен момент енцикликата на Иван ХХІІІ придонесува за надминување на кризата. Со оваа енциклика папата Иван ХХІІІ се обраќа на верници и неверници, бидејќи за Црквата светот не е поделен на "блокови" меѓу Исток и Запад, туку светот за Црквата е како едно човечко семејство. „Сите народи и политички фактори нека бараат дијалог и преговори", пишува папата Ронкали во енцикликата. „Треба да се бара она што обединува, а не што разделува".

Енцикликата нуди четири главни линии за постигнување на мирот: централното место е човекот со неговите неповредливи права; универзалноста на општото добро; моралната основа на политиката и на крајот силата на разумот и светлината на верата.

Но силата на енцикликата „Мир на земјата“ е во тоа што ја утврдува науката на папите во ХХ за мирот и улогата на Црквата во поддршка на човештвото. Во таа смисла, енцикликата ја дава дефиницијата за војната, како нешто неприфатливо и неподносливо. За време на конфликтот во Ирак во 2003, Иван Павле ІІ неколку пати се повикува на енцикликата на папата Ронкали и нејзината „посебна важност", нагласувајќи ги четирите „столба" на кои може да биде изграден мирот: вистината, слободата, правдата и љубовта.

Во христијанската традиција мирот не значи само отсуство на војна, туку хармоничен соживот меѓу сите луѓе. Потврдувајќи дека вистината е предуслов за мир и услов за неговото одржување, Папата го вклучува и признавањето и промоцијата на „природната структура на бракот помеѓу еден маж и една жена". Пречките за мирот не се од воен и политички карактер, туку идеологиите, кои го ставаат човекот надвор од Божјите закони, впишани во човечкото срце: негирањето на вистината за прашањата на биоетиката,
озаконување на абортусот и вметнување на хомосексуални парови во концептот за семејство.

Во енцикликата Љубов во вистината (Caritas in variate) Папата Бенедикт ХVІ предупредува на една голема опасност: ако вистината биде заобиколена „ќе настапи крај на секоја форма на хуманизам, благодарение не само со манипулација на телото, туку и со основните човечки односи меѓу генерациите и слабеење на бесплатното дарување кое го промовира братството и еднаквоста меѓу луѓето ".

Темата мир е присутна и во првите зборовите на Папата Фрањо и се утврдува во неговиот повик за грижа и нежност кон другиот, почнувајќи од личниот пример. Во ерата на глобализацијата овој Папата, кој доаѓа од Латинска Америка, верно ги продолжува напорите на Католичката црква за мир во светот, и не како нешто второстепено, туку како важен и основен фактор за развој на народите.







All the contents on this site are copyrighted ©.