Светиот Отец на молитвата Небесна Царице: Не смееме да се плашиме да бидеме христијани
и да живееме како христијани
Во оваа недела, во која се завршува Велигденската осмина, повторно на сите ви ја упатувам
Воскресната честитка со зборовите на Воскреснатиот Христос: „Мир вам“. Тоа не е поздрав,
ниту пак е едноставна желба: тоа е дар, уште повеќе, тоа е скапоцен дар кој Исус им
го дава на своите ученици откако премина низ смртта и пеколот, рече папата Фрањо пред
насобраните верници на плоштадот Свети Петар во својот говор пред молитвата Небесна
Царице. Тој мир е плод на победата на Божјата љубов над злото, тоа е плод на простувањето.
И навистина е така: вистинскиот мир, оној длабок мир, доаѓа од искуството на Божјото
Милосрдие, рече Папата и потсети дека денес се слави Недела на Божјото Милосрдие.
Осврнувајќи
се на Евангелие од Иван каде се зборува за неверниот апостол Тома, во кое Исус вели:
„ти поверува, оти Ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале.” Папата го
постави прашањето: А кои беа тие кои поверуваа, а не Го видоа? Тоа беа другите ученици,
останатите мажи и жени од Ерусалим, кои иако не го сретнаа Воскреснатиот Исус, поверуваа
на сведоштвото на апостолите и жените. Овие зборови се многу важни за верата, можеме
да ги наречеме блаженства на верата. Во секое време и на секое место блажени се оние,
кои преку Словото Божјо, кое се навестува во Црквата и кое го сведочат христијаните,
веруваат дека Исус Христос е овоплотената Божја љубов, овоплотеното Милосрдие. И тоа
важи за секој еден од нас!, рече папата Фрањо.
Воскреснатиот Христос ја праќа
Црквата да им навести на сите луѓе простување на гревовите, и на тој начин да се прошири
Царството на љубовта, да распространува мир во срцата, кој ќе се потврдува во меѓусебните
односи меѓу луѓето, во општеството, во институциите. А Духот на Воскреснатиот Христос
го гони стравот од срцата на апостолите и ги поттикнува да излезат од салата на Последната
Вечера за да го навестат Евангелието. Да имаме и ние храброст да ја сведочиме верата
во Воскреснатиот Христос! Не смееме да се плашиме да бидеме христијани и да живееме
како христијани, рече Светиот Отец во својот денешен говор пред молитвата Небесна
Царице.