2013-04-04 16:19:15

Духовна близина на Папата со погодените од тешките поплави во Аргентина


Папата изрази загриженост и блискост со жртвите и илјадниците Аргентинци кои останаа без своите домови, погодени од големите и тешки поплави во Ла Плата и Буенос Аирес. Во пораката, потпишана од ватиканскиот државен секретар кардиналот Тарчизио Бертоне, папата Фрањо го упатува својот благослов кон погодените и сите вклучени во активностите за помош. Во пораката Папата ги охрабрува државните и црковните институции и луѓето со добра волја да одговорат со љубов и дух на солидарност на потребите на населението. Според податоците до овој момент, надојдените води ги одзеле животите на 60 лица, а можно бројот на жртвите да се зголеми. Најтешка е ситуацијата во градот Ла Плата во близина на главниот град Буенос Аирес. За неколку часа во градот се паднати 400 милиметри врнежи на квадратен метар. Според метеоролозите, слични врнежи немаат забележано во последните 100 години. Претседателот Кристина Фернандез де Кирхнер, која ги посети погодените области, објави „тридневна национална жалост“ и вети дека ќе бидат обезбедени храна, вода и ќебиња за луѓето кои не можат да се вратат во своите домови.








All the contents on this site are copyrighted ©.