2013-04-01 14:14:47

Велигденска порака 2013 на Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов


По повод празник Воскресение Христово - Велигден, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов упати честитка до верниците од католичка вероисповед и сите луѓе со добра волја, која ја пренесуваме во целост:

*********
Драги браќа и сестри, кога во Црквата се слават големи Таинства тогаш најгласен говор е молчењето. Оваа свето време во кое не само што си спомнуваме туку и го славиме настанот на Христовото откупително дело, страданија, смрт, и воскресение нè води во нашата внатрешност во која се собираме и ги доживуваме тие големи вистини на нашата вера. Да се доживеат, најплодни се, ако во тишина и собраност се среќаваме сеќаваме на Божјото слово и ги препознаваме светите настани на спасението кои и нам сега ни се нудат како спасение. Меѓутоа, фактот дека Исус Христос, Воскреснатиот ја втемели Црквата и ѝ даде послание да ја навестува Радосната вест на спасението и јас денес заради тоа се обраќам до вас како Ваш брат и ваш бискуп всушност да одговорам на тој повик и таа задача: Да го навестам Христос Воскреснатиот.

1. Ја славиме Годината на верата: Таа за нас е повик верата која ја примивме од своите татковци да ја обновиме. Важно е да се потсетиме дека зачетник на верата е Господ Бог, Исус вели: „никој не може да дојде кај Отецот ако не го повикам“. Апостол Павле на повеќе места истакнува дека Божиот говор – Божјата иницијатива е почетокот на верата . Големиот папа Бенедикт 16-ти додека беше на Петровата служба повеќе пати нагласи и како порака и како чин на благодарност дека верата е милосен Божји дар. Браќа и сестри листејќи по своето сопствено минато секој од нас веројатно може да пронајде настан или личности кои му помогнаа да го искаже спасоносниот збор: Верувам – credo. Но, често сеќавањата избледуваат од фактот дека зад тие лица или зад тие настани стоеше Божјата милост, стоеше самиот Бог. Навлегувајќи во таинството на пасхалната тајна треба токму да ја обновиме татковската вера со чин на жива вера во која сме и пратени. Годината на вера не е замислена како низ на манифестации, а уште помалку прослава, туку е втемелена токму заради тоа за да на изворот на верата ја оживееме и обновиме нашата вера. Ова е всушност мигот, бидејќи е прослава на најсветлиот празник, таа вера да ја обновиме и направиме дејствителна - делотворна во нашиот живот. Како?

2. Добриот Бог во создавањето е апсолутно слободен. Тој ги љуби сите суштества кои ги создаде. Човекот го создаде на своја слика да му биде сличен. А бидејќи човекот е Божја слика тогаш го создаде слободен за слобода. Познато ни е дека на почетокот човекот ја злоупотреби таа слобода, а од прекрасната Божја слика заживее грда, искривена божја слика во човекот, бидејќи таа слика ја разори гревот. Си поставуваме прашање зошто Бог допушти човекот – круна на созданијата – Божја слика, смееше така да се изобличи што повеќе во него да не се препознае Бог. Зошто допушти можност на гревот да нанесе толку неправди на целата историја. Зошто допушти оваа наша земја да постане долина на солзите, зошто допушти да страдаат невини. Зошто? Браќа и сестри, овој судбоносен зошто се поставува од Адам до денес. Зошто Бог допушта зло? За нас како верници токму на Велики петок гледајќи на крстот треба да ни даде одговор на верата дали го прифаќаме Бога со тоа прашање зошто. Одговорот е драматично тежок но сосема јасен. На прашањето зошто Бог одговори со воплотението, животот и смртта на својот Син. До таа мерка ја почитуваше слободата на човекот (да ја сочува на себе слична) и допушти можност и на човечко отпаѓање. НО НЕ СЕ ОТКАЖА. Во Бога човекот останува засекогаш љубено дете. На човечката слабост и паѓањето во грев Тој одговори со спасение. Долго го подготвуваше тој чин на спасение за што ни сведочи севкупната историја на Стариот завет. Многу пати и на многу начини Бог некогаш говореше на Отците по пророците а во наши дни ни прозбори преку својот Син – се вели во посланието до Евреите. Заради тоа, Годината на верата, нè повикува и предизвикува на секојдневно читање на Светото писмо. Во заедницата на верниците на црквата ѝ е јасно дека без познавање на Стариот завет тешко може да се разбере Новиот завет. Воскреснатото бдеење донесува најубав пример од текстовите на Стариот завет за историјата на спасението. О, кога ние како верници и свештеници би имале време и смисла во оваа света ноќ да ги прочитаме сите текстови кои литургијата ни ги нуди.

Слободен сум да замолам и порачам во Годината на верата направете го тоа.
3. Одговор на оваа драматично прашање Зошто, реков, дека е дадено не само во зборовите туку и во личноста на Исус Христос. Апостолот тврди дека заради нашите гревови Бог него го втурна во тоа, „за да го откупи слугата синот го предаде“ пееме во оваа воскресна ноќ. Како тоа да се разбере темелната порака на христијанството – а во Годината на верата на посебен начин – факт е дека човекот е ОТКУПЕНО И СПАСЕНО БОЖЈО ДЕТЕ. Исус Христос влегувајќи во нашата историја избра животен пат од гола слама и нечиста штала во Витлеем до тврдото дрво на крстот на Голгота. Чудни патишта. Меѓутоа, кога пред тој факт ќе се запреме и го слушаме Исусовото слово „никој нема поголема љубов од оваа, да животот свој го даде за своите пријатели“, тогаш разбираме дека Божјата љубов е „разлиена во нашите срца според Исус Христос кој ни е даруван“. Само љубовта може да прифати и тврда слама и тврдо дрво на крстот.

Трагедијата на Велики петок во очите на верникот не е само мачеништво и не е само трагедија, туку пред сè е најголем доказ на Божјата љубов. Не откупи и спаси, не само со навестувањето туку со цената на сопствената крв, бидејќи преданието на животот за откуп на човекот е чин на економијата на Божјото спасение – чин на љубовта. Длабоко да си ги всадиме во свеста, токму заради тоа таинство на спасението, Апостолските зборови, дека со разумот се сфаќа а со срцето се верува. Значи, верата е дар и тоа милосен дар. Но, верата е и чин, и тоа, чин на љубовта. Кога очи во очи ќе се сретнеме со Христос на крстот и така распнат, понижен и погазен и го признаваме за свој Спасител нашето размислување и сфаќање станува чин на љубовта и тогаш кога Христа го прифаќаме за свој Спасител и пред крстот ја исповедаме својата вера како апостол Тома: „Господ мој и Бог мој“, тогаш се раѓа чинот на верата. Верата е, всушност, во суштина средба, говореше папата Бенедикт 16-ти, а нам и нашето искуство потврдува дека верник се станува во мигот на личното определување за Христос.

4. Воскресението како најголема тајна во редот на спасението го преобразува човекот верник во сведок на Воскреснатиот. ЧОВЕКОТ Е ЗНАЧИ СВЕДОК. Спомнавме дека е слободно створен, дека е љубен, дека е излекуван, спасен, но човечкиот живот на христијанинот не е без задача. Како што е првобитната слика – како Бог го замисли создавањето – човекот требаше да биде „подвижна Божја слика“ така е во новото создавање (бдеење) човекот е повикан да биде сведок на новиот Адам Исус Христос кој со воскресението и дарот на верата според св. тајни не оспособи да бидеме сведоци на Неговото воскресение. Ако тој чин на верата не би го прифатиле, христијанството не би можело да постои бидејќи целата порака на христијанството се темели на фактот дека човекот е спасен: со страданието, смртта и воскресението.

5. Велигден, значи, за сите нас има не само голема порака туку и послание. Кога сега околу прославата за Велигден се обновуваме во верата на изворот на најголемите таинства на спасението ние стануваме нови и подобри луѓе. Св. Павле не повикува да го соблечеме од себе стариот човек и да го облечеме новиот, да станеме квасец во општеството. Христијанството е навистина ново човештво каде со силата на животот според верата постанува сведок дека Бог ја води историјата, го љуби човекот и секогаш без исклучок добро го победува злото. Со воскресението на смртта и е зададен смртен удар и злото е отстрането бидејќи гревот се опростува. Прошката, меѓутоа, е можна само во светлината на прифаќањето на верата.

Браќа и сестри, како ваш брат и ваш пастир ве поттикнувам и молам во Годината на верата секојдневно да читаме Свето писмо и секојдневно молиме, но длабоко и искрено таа молитва да биде средба со Воскреснатиот Господ да не молиме молитви (фрази) туку да го молиме Бога а тоа е секогаш средба со Него. Да се обидеме да направиме верата да ни биде тоа што е во природата, а тоа е: да правиме Исусови дела, а не само да зборуваме за нив. Да ги направиме видливи во нашиот живот дека Воскреснатиот е присутен и во мене. Светиот Дух кој направи да второто Божествено лице зеде човечка природа во крилото на Безгрешната Дева, дека го воскресна на Христос, дека слезе меѓу нас да биде Милост ќе направи и овој Велигден на нашите лица блесне победата и надежта на Воскреснатиот Христос.

Додека ве благословувам во името на Отецот и Синот и Светиот Дух ви го честитам Воскресението Христово и се радувам што Неговото победоносно лице ќе блесне во нашите срца. Христос Воскресе!










All the contents on this site are copyrighted ©.