2013-03-28 17:16:36

Папата до свештениците: Сакам да бидете пастири на стадото и ловци на луѓе


Папата Фрањо во базиликата Свети Петар заедно со околу 1.600 кардинали, епископи и свештеници, кои живеат и служат во Рим, на Велики Четврток 28 март 2013 година претпладне славеше Света Литургија со осветување на миро.

Говорејќи во хомилијата за Господовото помазание Папата ќе рече:

"Скапоценото миро, со кое се помазува главата Аронова, не се ограничува на него самиот, за да мириса, туку се проширува и навлегува до “периферните предели“. Господ тогаш ќе каже јасно: Неговото помазание е за сиромашните, затворениците, болните и за оние кои се тажни и осамени. Помазанието не служи за да се намирисаме, а уште помалку мирото да го чуваме во шишенца, бидејќи тоа ќе се згусти, а срцето би се стврднало".

Говорејќи за свештеничката служба Папата ќе каже дека добриот свештеник се препознава по тоа, како тој го помазува својот народ:

"Ако доверениот народ го помазува со миро на радоста, тогаш се забележува – на пример човек примајќи радосна вест на Литугијата, кога ќе излезе лицето ќе му биде радосно. Луѓето сакаат да им се навестува Евангелието, за да го чувствуваат помазанието, сакаат Евангелието кое го навестуваме да допре во нивното секојдневие....(...) Тогаш луѓето ќе ни благодарат, бидејќи чувствуваат, дека нивните секојдневни животни ситуациии ги вклучуваме во нашите молитви: нивните страдања, радости, стравови и надежи".

Кога сме поврзани со Бог и со неговиот народ, тогаш милоста поминува низ нас, тогаш сме свештеници, посредници помеѓу Бог и луѓето. Кој не излегува од самиот себе за да биде посредник, тој полека станува менаџер. Затоа папата истакна:

„Сакам да бидете пастири на стадото и ловци на луѓе".

Кризата на свештеничкиот идентитет – според мислењето на папата Фрањо – се заканува на сите и се припојува кон кризата на цивилизацијата. Ако знаеме да го скршиме овој бран, ќе можеме во името Господово да испловиме на отворено море и во негово име да ги фрлиме мрежите. Во современиот свет за свештеникот важи само помазанието, а не функцијата, рече Папата за време на првата Литургијата за осветување на мирото во неговиот понтификат со свештениците од Римската бискупија во базиликата Свети Петар.

На крајот Папата побара од верниците да бидат поблиску до нивните свештеници „со љубов и молитва, за да бидат секогаш пастири според Божјото срце".

Вечерва Папата ќе служи света Литургија вечера Господова во римскиот затвор за малолетници Касал дел Мармо, во која според литургискиот обред ќе ги измие нозете на дванаесет затвореници, кои ги претсавуваат 12-те апостоли на кои Исус на Последната вечера им ги изми нозете. Меѓу нив ќе има не само католици, туку и од друга вероисповеди, а и една девојка. Во затворот се наоѓаат голем број на странци и припадници на други вероисповеди.







All the contents on this site are copyrighted ©.