2013-03-28 10:23:22

Папата во Ватиканската базилика се сретна со вработените во Ватикан


Предавството на Јуда може да се спореди со брборливост, со озборување на другите – е размислување на папата Фрањо изнесено во кратката проповед одржана во средата на 27 март во Домот Света Марта во Ватикан, коментирајќи го Евангелието од Велика Среда. Потоа, неочекувано, Папата се упати во базиликата Свети Петар за да ги поздрави ватиканските вработени кои беа собрани на Литургијата што ја служеше кардиналот Ангело Комастри во пресрет на Велигденската тродневница.

На Велика Среда се читаше дел од Евангелието кое зборува за предавството на Јуда за 30 сребреници. Еден од Дванаесетте, еден од Исусовите пријатели, еден од оние што му беа најблиски – истакна Папата – разговара со првосвештениците договарајќи ја цената за предавството. Исус е како роба: се продава. Многупати тоа се случува и на пазарот на историјата, на пазарот на нашиот живот – додаде Светиот Отец – кога ги избираме 30 сребреници, а Исус го оставаме настрана, го гледаме Господ кој е продаден. А понекогаш и ние го правиме истото тоа со своите браќа, со своите пријатели, меѓу себе – истакна Папата и додаде – тоа се случува кога се озборуваме еден со друг.

Тоа е продажба, а личноста која ја озборуваме станува роба. Со каква леснотија ги правиме тоа! – истакна Папата, напомнувајќи дека тоа е еднакво на она што го направил Јуда. Незнам зошто, но во озборувањето постои некоја мрачна радост – рече потоа Светиот Отец. Понекогаш започнуваме со убави зборови, но тогаш, изненадувачки, доаѓа до брборење и започнува тоа што Папата го нарекува „дерење на кожа“ на другиот. Но, секогаш кога озборуваме, секогаш кога на некого му ја „дереме на кожата“, го правиме истото она што го направи Јуда – истакна Папата. Светиот Отец повика: „никогаш да не зборуваме лошо за другите луѓе“.

Кога Јуда го издаде Исус имал затворено срце, немал разбирање, ниту љубов, ниту пријателство. Така и ние, кога озборуваме, немаме љубов, немаме пријателство, сѐ станува пазар: ги продаваме сопствените пријатели, своите роднини. Затоа – охрабрува Папата – да молиме за простување, бидејќи тоа го правиме на пријател, но тоа го правиме и на Исус, бидејќи Исус е во тој пријател, во таа пријателка. И да молиме за милост за да не „одереме“ никого, да не озборуваме никого. А ако забележиме дека некој има мана, да не ја кроиме сами правдата со сопствениот јазик, туку да го молиме Господа за него, велејќи „Господи, помогни му“! – истакна Светиот Отец.

Светиот Отец потоа отиде во базиликата Свети Петар каде ги поздрави ватиканските вработени, заблагодарувајќи им за нивната работа за Светата Столица. Сакам да ви заблагодарам за тоа, и да ве замолам да се молите за мене. Тоа ми е потребно бидејќи и јас сум грешник, како и сите. И сакам да му бидам верен на Бога. Молете за мене. Ви посакувам благословен Велигден. Господ нека ве благослови, а Богородица нека ве штити, како добра Мајка – рече, на крајот, папата Фрањо.







All the contents on this site are copyrighted ©.