2013-03-28 17:10:39

Објавени размислувањата за Крстниот Пат на Велики петок


Болката е и надеж на Христовиот крст - јасно се заклучува од размислувањата за Крстниот пат кои под водство на маронитскиот патријарх кардиналот Бешар Бутрос Раиј, го напишаа младите Либанци, а кој ќе се чита на Римскиот Колосеум во петок на Крстниот пат кој ќе го предводи папата Фрањо. Размислувањата на 24 март ги објави Ватиканскиот полуслужбен дневник, а во издание на Ватиканската издавачка куќа се достапни и во римските книжарници.

Во текстот се бројни повиците од Постсинодално апостолско писмо на папата Бенедикт XVI „Црквата на Средниот Исток“, цитати од источната Литургија и од светците кои живееле на Средниот Исток. Повикот да се наследи Господ Исус Христос „е упатен на сите, посебно на младите и на оние кои искусиле поделба, војна или неправда и кои се борат меѓу своите браќа да бидат миротворци и видлив знак на надеж“ - се истакнува во воведот.

Пораките од Крстниот пат се однесуваат на сите луѓе. Во размислувањето за првата постојка, кога се зборува за Пилат, потсетува на властите кои ја злоупотребуваат власта за да ја одржат неправдата, да го угнетуваат човечкото достоинство и правото на живот. Размислувањето завршува со молитва управниците да ја почитуват праведноста.

Во размислувањето за четвртата постојка, која ја оживува средбата на Исус со неговата Мајка, се зборува за семејството. „Во своите семејства и ние проживуваме страдања кои родителите ги нанесуват на децата или децата на родителите“. Се моли семејството во овие тешки времиња да биде „оаза на љубовта, мирот и радоста, да биде слика на Назаретското семејство“.

Шестата постојка ја оживува Вероника како го брише Исусовото лице, и се тврди дека Исус е присутен во секоја личност која страда. Господ поучува дека „ранетата, напуштената и заборавена личност не ја губи својата вредност и достоинство“.

Оживувајќи ја Исусовата средба со Ерусалимските жени, осмата постојка нè поттикнува на внимание дека нашиот свет е полн со тажни мајки на кои им е погазено достоинството, кои се жртва на дискриминација, неправда и злоупотреба. Со крикот: „О Исусе кој трпиш, биди нивен мир и мелем на нивните рани“, завршува постојката.

Во размислувањето за Исусовото приковување на крстот, единаесетата постојка вели: „О Исусе, те молиме за сите млади, скршени во очај, жртви на дрогата, сексот и изопаченоста, ослободи ги од нивното ропство“.

Во размислувањето, младите се осврнуват и на опасностите кои се присутни во денешниот свет. Во размислувањето за втората постојка се предупредува на опасноста дека човекот во име на разумот, моќта и парите се смета за семоќен и се прават обиди Господ да се отстрани од човечкиот живот.

Размислувањата во третата постојка всушност се молитва човечкиот разум да не се задоволи со делумната вистина на науката и технологијата, туку секогаш да ги поставува темелните прашања за смислата на човечкиот живот.

За поделбата во Христовата Црква се зборува во деветата постојка, за размислување во дванаесетата постојка е молитва за оние кои се застапуваат за абортус, да разберат дека љубовта е извор на животот, а се моли и за сите оние кои ја застапуваат евтаназијата и го стават во опасност човечкиот живот, Господ да им ги отвори срцата и да започнат да се залагаат за изградба на цивилизација на животот и љубовта.

Сите размислување се однесуват и за Средниот Исток. Се моли за сите кои патат, посебно за тие на Истокот, во втората постојка, а во седмата пак се моли од човечкото срце да исчезне омразата и предрасудите, изворот на верските судири.

Во размислувањата за десетата постојка, каде се зборува за поделбата на Христовата облека на ждрепка, се моли за сиромашната Црква на Блискиот Исток, Бог да и додели сила да може и понатаму во тие краеви да ја навестува Радосната вест.

Во тринаесетата постојка се моли за жртвите од војните и насилствата на Блискиот Исток и во целиот свет. На крајот во размислувањето за четиринаесетата постојка, пред да го положат Исус во гроб, се вели: „Прифаќањето на тешкотиите, болните случки и смрт бара цврста надеж и жива вера. Добивме слобода на деца Божји, да не бидеме робови, животот ни е даруван во изобилство и повеќе да не се задоволуваме со живот без убавина и смисла, стои во заклучокот од размислувањето.







All the contents on this site are copyrighted ©.