2013-03-27 09:23:59

Во Светата Земја католиците и православните заедно ќе го слават Велигден


Голем дел од католичките заедници во Израел, Палестинските територии, Јордан и Кипар ќе го одбележат Воскресението Христово, заедно со православните христијани кои го применуваат Јулијанскиот календар, според кој оваа година Велигден се слави на 5 мај. Усогласувањето на датумите за Велигденските празници, во голем дел од регионот, е плод од примената на правилникот усвоен на 15 октомври 2012 година од страна на Собранието на католичките епископи во Светата Земја. Во него се наведува дека по две години сите католици од латински обред и различните источни обреди ќе го слават Велигден според Јулијанскиот календар, заедно со Православните цркви. Прославата на Воскресението Христово според Јулијански календар ќе се применува експериментално од оваа година во целата Света Земја, со исклучок на Ерусалим и Витлеем, каде што ќе продолжи да се применува Грегоријански календар поради нормите кои се утврдени со специјалниот статус, кој го регулираат соживотот на различни христијански цркви во Светиот град, и поради големиот број на верници од целиот свет кои доаѓаат за прославата на Велигденските празници. Исто така во Тел Авив, посочува патријаршискиот викар, монсињор Вилијам Шомали, „христијаните ќе го слават Воскресението Христово според Грегоријанскиот календар“. Усогласувањето на датумот за Воскресението Христово, предизвикува сеуште недоумица кај некој маронитски епископи. Сепак, според монсињор Шомали, „усогласувањето е важен екуменски чекор напред“, бидејќи „членови од исто семејство или населба, кои припаѓаат на различни црковни заедници, сега заедно ќе можат да го слават страдањето, смртта и воскресението на Исус Христос. На овој начин можеме да го сведочиме единството пред нашите соседи нехристијани.“ До 2015 година овој правилник за усогласување на велигденскиот термин ќе биде потврдена односно регулирана според упатствата дадени од Светата Столица.









All the contents on this site are copyrighted ©.