2013-03-26 11:53:43

Папата Фрањо: Да мислиме на Божјата трпеливост


Во текот на Страсната седмица да мислиме на „трпението“ кое Бог го има со секој од нас – рече папата Фрањо во кратката проповед на светата Литургија која на 25 март претпладне, ја служеше во капелата на домот Света Марта во Ватикан, а на која меѓу другите присуствуваа и новинари од ватиканскиот дневен весник Л'Осерваторе Романо (L'Osservatore Romano).

Симболот на бесконечното трпение кое Бог го има за човекот е одраз на бесконечното трпение кое Исус го има за Јуда. Папата Фрањо, имено во своето размислување започна од денешното прочитано Евангелие, во кое Јуда и приговара на Марија, сестрата на Лазар, поради тоа што ги помаза нозете Исусови со скапоцено мирисливо миро. Би било подобро – според Јуда – да се продаде тоа миро и парите да им се дадат на сиромашните. Иван во Евангелието забележува дека Јуда не го интересирале сиромашните, туку парите, кој што ги крадеше. Меѓутоа – напомна Папата – Исус не му кажа „Ти си крадец“. Исус е полн со љубов и беше трпелив со Јуда, обидувајќи се да го придобие со својата трпеливост, со својата љубов. Ќе биде добро за нас, во оваа Страсна седмица, да мислиме на Божјата трпеливост, на трпеливоста која Господ ја има со нас, со нашите слабости, со нашите гревови – истакна Светиот Отец.

Во првото читање од книгата на пророкот Исаија,– забележа папата Фрањо – давајќи ја слика „за слугата Божја“ пророкот ја истакнува Исусовата благост и трпеливост. Кога се мисли на Божјата трпеливост: тоа е таинство! – истакна Папата. Колкава трпеливост има Тој со нас! Сешто правиме, а Тој е трпелив. И трпелив е како оној татко за кој Евангелието говори дека го виде одалеку синот кој си замина со парите од целото свое наследство. Како можеше да го види одалеку? – праша Светиот Отец. Бидејќи секој ден се качуваше на високо место и гледаше дали ќе се врати синот. Тоа е Божјото трпение, тоа е Исусовата трпеливост – повтори Светиот Отец и на крајот поттикна – Да мислиме во оваа седмица на личниот однос: Какво беше трпението Исусово со мене во мојот живот? Само тоа. А потоа од нашето срце ќе излезе само еден збор: Ти благодарам Господе! Благодарам за твојата трпеливост – рече папата Фрањо.







All the contents on this site are copyrighted ©.