2013-03-26 11:47:29

Даровите од Велики Петок ќе бидат наменети за верниците од Светата Земја


Даровите на верниците од Велики Петок ќе бидат наменети за „браќата и сестрите кои во местата на Откупение заедно со нивните пастири, го живеат таинството на Распнатиот Христос, кој воскресна за спасението на човештвото“. Ова го пишува во благодарната порака до пастирите на Католичката црква кардинал Леонардо Сандри, префект на Конгрегацијата за Источни Цркви. Во пораката кардиналот прецизира дека уште од самиот почеток на христијанството Светата Земја е „жив чувар“, но истовремено е и „тивок сведок на тоа како, цели народи дадоа крилја на сонот за една пролет, која може да даде плод само преку обновувањето на срцата и заедничката одговорност кон сиромашните во светот“.

Кардиналот со љубов потсетува на заедниците од латинскиот обред во патријархатот на Светата Земја и ја цитира науката на Црквата содржана во енцикликата „Pacem in terris“ (Мир на земјата) на Иван ХХІІІ и енцикликата на Павле VI „Populorum progressio“ (Напредок на народите). Во Година на верата „енцикликата на Иван ХХІІІ нé повикува да се молиме за мирот, особено во Сирија“, посочува кардинал Сандри. Во својата енциклика Павле VI го „промовира почитувањето на достоинството на другите, соработката за општото добро и желбата за градење мир“, но исто така „почитување на врховните Божји вредности од страна на човекот, бидејќи Бог е почеток и цел“.

Префектот на Конгрегацијата за Источни Цркви, потсетувајќи на апостолските посети на Светата Земја од страна на Павле VI, Иван Павле ІІ и Бенедикт XVI, кој го посети исто така и Либан, а им го довери и составувањето на овогодинешните размислувања за Крстниот пат на Колосеумот на двајца либански млади, напиша и Постсинодално апостолско писмо „Црквата на Блискиот Исток“. „Христијаните кои живеат во Израел, Палестина, Кипар, Либан, Јордан, Сирија и Египет треба да го откријат во нас истиот поглед на верата“, посочува кардиналот. На крајот тој потсети на напорите на овие црковни заедници за „зачувување на Светите Места“, како и нивните грижи за „напуштените, болните, постарите, невработените, младите и заштитата на човековите права заедно со верската слобода“ на кои се приклучуваат и постојаните екуменски и меѓурелигиски напори за запирање на постојаната миграција на верниците“.








All the contents on this site are copyrighted ©.